/ Прочитано:

1.924

ОФИЦИЈАЛЕН СТАРТ НА НОВИОТ ЗКП: Oбвинителот ја зеде истрагата во свои раце, адвокатите не веруваат во успешна примена

Примената на револуционерната кривична реформа во македонското правосудство, синоќа по полноќ официјално стартуваше со првото процесно дејствие – тешка телесна повреда која се случи пред скопското кафуле „Тренд“. Возбуда и трема кај обвинителите, скептицизам кај адвокатите, судиите со најголема доверба за примената на новиот Закон за кривична постапка. Директните учесници во постапката, за АКАДЕМИК со широк спектар на различни мислења за нивната подготвеност. Дел од експертите по кривично право, укажуваат оти и натаму недостига сеопфатна дебата за новата улога на адвокатурата, не се завршени некои технички аспекти на имплементацијата, како и дел од организациските прашања, особено формирањето на правосудната полиција. 

Телесна повреда пред скопското кафуле „Тренд“ е првото процесно дејствие на новиот ЗКП. Синоќа после полноќ, обвинителот Лидија Раичевиќ-Вучкова заедно со припадници на МВР вршеле увид на лице место, а веќе од утре се очекува обвинителството да поднесе барање за истрага до Основен суд Скопје 1.

„Ние сме будни од доцна синоќа, вршевме увид на лице место, ја презедовме раководната улога  што според новиот Закон му следува на обвинителот. Можам да кажам дека постои мала трема и страв од непредвидливи ситуации, но тоа е само психолошки момент кај обвинителите кој за првпат се соочуваат со нешто ново. Спремни сме во секој поглед, имаме на располагање припадници на МВР кои досега во пракса покажаа одлична соработка.  Иако центарот за истражување на докази технички не е формиран, тоа не не спречува нас да си ја вршиме работата, ниту може да кажеме дека не се создадени услови за примена на ЗКП. Во буквална смисла на зборот, веќе ја презедовме раководната улога во претходната постапка“, потенцира Раичевиќ-Вучкова.

Од учесниците во постапката, најголема доверба за примената на новиот ЗКП се забележува кај судиите. Од Основен суд Скопје 1 велат дека се комплетно подготвени.

„Назначивме судии кои од денеска ќе бидат судии на претходна постапка. Четворица судии веќе се назначени, за обичен криминал се – Душан Јосифовски и Славјанка Јанковска, а за организиран криминал – Владимир Туфегџиќ и Славица Андреевска. Претходно помнавме многу обуки, слушнавме различно искуство од многу земји. Имавме години на располагање за да се подготвиме. Во исчекување сме да стигне првото барање за истрага од обвинителство“, вели претседателот на Основен суд Скопје 1, Владимир Панчевски.

Адвокатите: Странките немаат финансии за контра-докази!

На самиот старт на новиот Закон за кривична постапка, дел од скопските кривичари скептични околу примената на новите примеси од англо-санксонското и континенталното право во начинот на водењето на кривичната постапка. За пионерскиот чекор во македонското кривично право, дел од адвокатите гледаат со скептицизам, наведувајќи ги оние работи за кои сметаат дека се тешко применливи во пракса.

„Ние  како одбрана мислам дека сме подготвени, но скептичен сум во однос на Обвинителството. Не верувам дека кадровски се екипирани, ниту технички. Нивната улога е најголема, уште во претходна постапка ќе мора да најдат начин како ќе ни ги направат достапни сите докази против нашите клиенти. Ќе видиме што ќе покаже времето“, порачува адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.

Поголемо неверување во успешната примена покажува скопскиот адвокат, Јован Јоанидис, кој на јавноста и е добро познат по актуелните постапки во кој е дел од одбраната.

„Сметам дека законот ќе има практична лоша изведба благодарение на нашите професори кои исполнуваат желби на актуелната власт, а не ни знаат што треба да се исполни. Со овој закон се враќаме во минатото, некаде во 1945, па до 1955 година. Мислам дека обвинителите не се спремни, еве ќе ви кажам и зошто: прво не постои судска полиција, ниту се знае тие полицајци кому ќе одговараат, на министерот за правда, на МВР или на нивните шефови обвинители кои ќе им ги издаваат налозите, а тие треба да ги спроведуваат. Друг проблем е осиромашениот народ. Како ние да спремаме одбрана, ако клиентот не може да плати за сите оние истражувачки дејствија кои се потребни за ние како одбрана за обезбедиме докази!“, вели Јоанидис.  

Сличен став околу новиот ЗКП има и Мирослав Вујиќ, познат како адвокат „без влакна на јазикот“. Тој новиот ЗКП го поистоветува со народното „леле мори мајко“. 

„ОЈО треба досега да го имаат оформено центарот за истражување каде по преработката на докази, нас како одбрана веднаш ќе ни бидат достапни, тоа е основата на новиот ЗКП. Искрено, мислам дека тоа го немаат направено, ниту технички, па ни кадровски не се спремни. Друго што мене лично ми боде во очи е финансиската немоќ на адвокатите во барање на контра докази. Со стариот закон ОЈО има терет да ја докаже вината, а сега ОЈО обвинува, но обвинетиот треба со свои средства да наоѓа докази. Не знам која странка во земјава има пари за форензика, вештаци, детективи, итн. Мислам дека обвинителството најмногу ќе игра со спогодби“, смета Вујиќ.

Познатиот кривичар Донче Наков, кој е дел од одбрана речиси во сите популарни процеси, вели дека неговата канцеларија веќе некое време се припрема за револуционерната реформа.

„Нaшата канцеларија уште од месец мај се припрема. Можам да кажам спремни сме во смисла на поднесоците, начинот на доставување итн. Веќе трета година како законот ни е даден „на тацна“, доволно време за да се спремат и адвокатите и судиите и обвинителите. Нас како адвокати треба да ни е најмала грижа дали обвинителите се спремни, на тоа треба они да си мислат, нас ни е битно да ни ги дадат на увид сите докази уште во претходна постапка, а дали тоа можат да го овозможат, тоа е нивни проблем“, истакнува Наков.

Проф. д-р Калајџиев: Најмалку се зборуваше за улогата на адвокатурата

Во новиот Закон за кривичната постапка, кој беше донесен во 2010 година и чијашто примена досега два пати беше одложувана, во целост се менува концептот на досегашната — во својата суштина — инквизиторна постапка, дизајнирана како службена истрага на судот. „Јас сум убеден дека Законот ќе донесе своевиден ефект, иако можеби на почетокот ќе се јават проблеми“, оценува во интервјуто за Академик, проф. д-р Гордан Калајџиев од Правниот факултет „Јустинијан Први“, еден од креаторите на измените и обучувач на кадрите, кои ќе го практикуваат Законот.
„Toчно е дека Законот не е само обична новост само во смисла на нов процесен закон, којшто би ја тангирал само казнената постапка и процедурите, туку практично востановува и нови односи меѓу главните учесници во постапката, пред се: судот и обвинителството. Се разбира сосема нова улога има и адвокатурата, а за ова последново и најмалку сме зборувале досега. Главниот фокус последниве две -три години беше ставен врз обвинителството и полицијата, особено беше истакнато стравување: дали е преголема носечката улога во истрагата на обвинителството. Другите аспекти, особено делот на адекватни и соодветни мoжности за ефикасна одбрана беа на некој начин запоставени. Законот, се разбира, бараше усогласување и на други закони; тие во поголем дел се извршени, што е полесната страна на работата. Некои технички аспекти на имплементацијата на Законот не се завршени, од типот на: подготвување за снимање на исказите дадени во претходната постапка и снимање на главната расправа бидејќи веќе го нема оној стар пристап на судење што го води судот и којшто прераскажува се’ што кажале учесниците во постапката. Дел од организациските прашања на системот, особено најистакнуваниот — за тоа како ќе се формира правосудната полиција во одделот на т.н. истражни центри на Jавното обвинителство, се незавршени“, подвлекува Калајџиев.

 Автор: Паула Божиновски

Објавено: 01.12.2013