/ Прочитано:

1.787

Официјален Белград: Имаме докази за офанзивно дејствување против органите и институциите на Србија

„Нашите надлежни органи утврдија и ни дадоа докази и сознанија за многу офанзивно дејствување против органите и институциите на Србија. За седум до десет дена, работите ќе бидат појасни“, потенцираше српскиот претседател Александар Вучиќ. Од своја страна, а по повод повлекувањето заради итни консултации во Белград на целиот персонал од Амбасадата на Србија во Скопје, Владата на Република Македонија излезе со соопштение во кое наведува дека Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји.

По вчерашното повлекување на сите дипломати и вработени од Амбасадата на Република Србија во Република Македонија на итни консултации во Белград, денеска српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека главна причина за ваков драстичен чекор е тоа што српските надлежни органи утврдиле и докажале дека против Србија е извршено разузнавачко дејствување.

„Нашите надлежни органи утврдија и ни дадоа докази и сознанија за многу офанзивно дејствување против органите и институциите на Србија. За седум до десет дена, работите ќе бидат појасни“, потенцираше Вучиќ, нагласувајќи притоа дека постојат многу шпекулации за одлуката на Белград да ги повика своите дипломати на итни консултации.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, во изјава за Танјуг истакна дека официјален Белград ќе ги преземе сите мерки за да ги заштити српските интереси во Македонија. Истовремено, како што рече, ќе ги преиспита способностите и капацитетите за извршување на работите на Амбасадата во Скопје во актуелните услови.

„Веќе следната недела, по состаноците што ќе ги имаме овде и од разговорите со претседателот Александар Вучиќ, дел од персоналот на Амбасадата ќе биде вратен во Скопје, а амбасадорот ќе се врати подоцна кога ќе ги завршиме сите консултации што треба да ги направиме овде во Белград. Ќе  преземеме мерки за да се подготвиме за работа во едно такво опкружување. Ние недвосмислено сакаме добри односи со Македонија. Сакаме да градиме добри односи затоа што сме соседи, затоа што имаме многу заеднички интереси и затоа што сме два блиски народи. Но, наша обврска е да ги заштитиме нашите интереси и во согласност со тоа ќе ги применуваме основните дипломатски принципи во меѓународните односи, односно принципот на реципроцитет во сите области“, истакна Дачиќ.

Инаку, според српскиот министер за надворешни работи, вработените во Амбасадата на Србија во Македонија се повлечени бидејќи, како што изјави за Танјуг, „недвосмислено со јасни докази е утврдено засилено офанзивно дејствување кон Република Србија“ во кое, како што вели, е присутен и странски фактор.

Претходно, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека „не станува збор за мала работа“ и дека по повод настанатата ситуација таа имала работни состаноци и со претседателот на државата, Александар Вучиќ и со министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ.

Од своја страна, а по повод повлекувањето заради итни консултации во Белград на целиот персонал од Амбасадата на Србија во Скопје, Владата на Република Македонија излезе со соопштение во кое наведува дека Македонија развива пријателски односи со сите соседни земји.

„Кога постојат отворени сензитивни прашања помеѓу два наши соседи, Владата на Република Македонија секогаш ги следи интересите на државата базирани врз принципите на добрососедство и унапредување на регионалната соработка, неутралност и немешање во споровите меѓу државите. Во однос на гласањето за членство на Косово во УНЕСКО, Владата на РМ ќе ги има предвид позициите на мнозинството земји членки на Европската Унија“, се вели во соопштението од Владата на Република Македонија.

Од Министерството за надворешни работи информираат дека во согласност со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на Амбасадата на Република Србија во Скопје.

Што се однесува до шпекулациите за повлекување на персоналот од Српската амбасада, „Спутник“ денеска објави дека македонската Влада подготвила предлог за поддршка за зачленување на Косово во УНЕСКО и дека тоа е една од причините поради која српското Министерство за надворешни работи го повлече персоналот од Амбасадата во Скопје на итни консултации.

А. Б.