/ Прочитано:

2.258

Официјален почеток на процесот на Брегзит

Лондонската експертска јавност смета дека ова е моментот по кој нема враќање, односно дека не постои можност Британија да го промени ставот и да се откаже од Брегзитот.

Премиерката на Велика Британија Тереза Меј го потпиша  писмото со кое земјата официјално ја информира Европската Унија за своето излегување од европскиот блок. Лондонската експертска јавност смета дека ова е моментот по кој нема враќање, односно дека не постои можност Британија да го промени ставот и да се откаже од Брегзитот.

Во писмото Меј практично го активира членот 50 од Лисабонскиот договор, а тоа точно напладне ќе му биде предадено на претседателот на Европскиот совет Доналд Туск од страна на Тим Бароу, постојаниот претставник на Велика Британија во Европската Унија, со што практично ќе започне процесот на двегодишните преговори меѓу Велика Британија и Европската Унија.

Лисабонската спогодба стапи во сила во 2009 година. Пред тоа не постоеше механизам за напуштање на Европската Унија. Самиот член 50, на кој се повикува британската премиерка, е краток, има пет параграфи во кои е наведено дека која било земја членка може да одлучи да ја напушти Европската Унија, дека за тоа мора да го извести Европскиот совет и да преговара за излез од Европската Унија. Членот 50, исто така, предвидува и рок од две години за постигнување на договор, но тој може да биде продолжен во согласност на сите земји членки на ЕУ.

Во текот на денешниот ден Меј ќе одржи специјална седница на британската влада, а потоа ќе им се обрати на пратениците во Долниот дом на Парламентот.

Во специјалната изјава по повод покренувањето на постапката за Брегзит, се очекува Меј да повика на потребата од целосно единство во земјата, како и дека во текот на преговорите со Брисел, ќе ги застапува интересите на сите жители на Обединетото Кралство, вклучувајќи ги и државјаните на Европската Унија кои сега живеат во Велика Британија. Нивниот статус треба да биде определен во текот на преговарачкиот процес.

Како што беше претходно најавено, во рок од 48 часа, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, ќе испрати нацрт до 27-те земји од ЕУ со општите принципи на позицијата со која тие ќе преговараат со Велика Британија, а се очекува преговорите да започнат во текот на мај или најдоцна до средината на јуни.

Туск во текот на изминатата недела веќе закажа вонреден самит на земјите членки на Европската Унија, „ЕУ 27“ што ќе се одржи на 29 април и овој самит ќе биде без учество на Велика Британија, бидејќи членот 50 од Лисабонскиот договор предвидува земја која излегува од ЕУ да не може да учествува во интерните разговори на Унијата за излезот од неа.

Лидерите на земјите членки на ЕУ на овој самит ќе го определат мандатот на Европската комисија за преговорите со Лондон. На овој настан ќе бидат зацртани инструкциите, како и „црвените линии“ од кои Европската комисија нема да отстапува во текот на процесот на Брегзит.

Во текот на мај, врз основа на мандатот добиен од 27-те членки, Европската комисија ќе ги одреди основите за кои ќе се водат преговорите со Британците.

„Како што знаете, лично би сакал Велика Британија да не одлучеше да ја напушти Европската Унија, но мнозинството британски гласачи одлучија поинаку. Затоа мора да направиме сѐ за овој процес на раздружување да биде што побезболен за Европската Унија“, истакна Туск, кој истовремено нагласи дека тогаш кога ќе се постигне договорот за излез од Унијата, тој мора да биде ратификуван во сите национални парламенти пред да стане важечки.

Преговарачкиот процес меѓу официјален Брисел и Лондон, како што оценуваат политичките и економските аналитичари, ќе се води во насока на воспоставување нови односи меѓу Европската Унија и Велика Британија и тоа приоритет ќе бидат трговијата и слободното движење.

Според нив, постојат две сценарија, односно „мек Брегзит”, кој би значел останување на Велика Британија на единствениот европски пазар или пак воспоставување договори меѓу Велика Британија и ЕУ со кои би била олеснета меѓусебната трговија. Второто сценарио е „тврд Брегзит“, што според европските лидери е многу поверојатно, нагласувајќи притоа дека Европската Унија нема да отстапи од зацртаните услови во ниту еден момент во преговарачкиот процес. Според нив, ова би било така со цел да ги обесхрабрат другите земји членки да се изјаснат за излегување од Европската Унија.

„Во Европа или го јадете тоа што е на масата или не седите на неа. Получленство и пребирливост не се возможни“, истакна претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, откако официјален Лондон нагласи дека Велика Британија сака и по излегувањето од Унијата да биде дел од единствениот европски пазар.

Во согласност со член 50 од Лисабонскиот договор, се очекува процесот на Брегзит да заврши во 2019 година, со што Велика Британија ќе биде првата земја која ќе ја напушти Европската Унија.

Истовремено, кога британската премиерка го потпиша писмото, на само еден ден пред официјалното започнување на процесот на Брегзит, Парламентот на Шкотска го поддржа предлогот на премиерката Никола Стерџн од официјален Лондон да бара организирање нов референдум за независност на Шкотска.

„Околностите се променија со Брегзитот“, рече Стерџн која сака Шкотска да остане барем дел од заедничкиот пазар на Европската Унија.

Доколку биде одобрена согласност за распишување на втор референдум од страна на премиерката Меј, тој би се одржал пред завршување на преговарачкиот процес за Брегзит, односно кон крајот на 2018 и почетокот на 2019 година.

А. Б.