/ Прочитано:

1.742

Официјална посета на грчкиот премиер Ципрас

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, е во прва официјална посета во земјава. Немавме нормални односи изминативе триесет години. Сега мора да трчаме за да надоместиме, рече Ципрас во рамки на денешната официјална посета, која не започна со интонирање на македонската химна при пречекот на Ципрас пред Владата.

Според Владата, протоколарните свечености биле изоставени поради доцнењето на авионот на Ципрас со цел да се добиело време за исполнување на работната агенда.

Инаку, изведувањето на државната химна се уредува со Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија. Химната на Република Македонија, се пропишува во законот, се изведува и при официјално доаѓање во Република Македонија на претседател на држава, суверен или овластен претставник на меѓународна организација.

Покрај известувањата за протоколарните свечености, од Владата информираат  и во врска со Високиот совет за соработка меѓу двете земји.

„На седницата учествуваа и министрите на двете влади, кои реферираа за разговорите и за постигнатите договори од нивните меѓусебни билатерални средби кои се одржаа непосредно пред седницата на Високиот совет за соработка помеѓу двете земји“, информираат од Владата.

Заев и Ципрас, додаваат од Влдата, во рамки на заедничката седница на Високиот совет за соработка меѓу двете земји, потпишаа и акциски план за зајакнување на сеопфатната соработка во согласност со Договорот од Преспа. Покрај акцискиот план, беа потпишани и повеќе меморандуми од областа на одбраната, транспортот и евроинтеграциите.

Еден од документите кои денеска биле потпишани меѓу Владата и владината делегација предводена од грчкиот премиер, Алексис Ципрас, бил меморандумот кој предвидува грчката авијација да го покрива небото над Македонија.

М.В