Официјално соопштение на МВР за акцијата во Крушопек и за запленетиот кокаин
Oдделот за сузбивање на организиран и сериозен организиран криминал, Единица за недозволена трговија со дрога во период од 17-19.02.2020 година во координација со јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во рамки на меѓународна полициска соработка, во која беа вклучени повеќе земји, реализираше акција за сузбивање на недозволена трговија со дрога, при што во скопско Крушопек беа откриени и запленети само дел – поточно еден килограм кокаин, којшто според првичните информации е дел од поголема количина која требало да заврши во нашата држава.
Имено, по претходно добиено известување Министерството за внатрешни работи во соработка со ОЈО за ГОКК презеде широк спектар на оперативно-технички и полициски мерки и активности за пресекување на меѓународен канал за транспорт на кокаин во големи количини со потекло од Колумбија
По ова веднаш беа преземени соодветни оперативни подготовки и активности од страна на македонската полиција и во рамки на истрагата во координација со Јавно обвинителство, и со царинските и полициските служби од Македонија беше утврдено како краен примач на пратките со банани е правно лице од Скопје „Банекс компани“ ДООЕЛ.
Како резултат на сето тоа вчера (19.02), околу 9:00 часот на ГП Ќафасан, Струга на влез во нашата држава евидентирано е ТМВ марка „ивеко“, влекач и приколка, управувано од триесет и едногодишниот Ј. К., државјанин на Црна Гора, кој по завршување на царинските формалност со товарното возило се упатил кон скопското село Крушопек. По пристигнувањето на возилото во Крушопек, од страна на полициски службеници, а по претходно обезбедена судска наредба, извршен е претрес во магацински простор, при што затекнати биле и лицата Ј. Е. (22), инаку син на сопственикот на правното лице кое е краен примач на стоката и Р. И. (51) од Скопје – вработено лице, кои вршеле истовар на робата. При извршување на истоварот на лице место неповикан дошол и 47-годишниот С. Е. од Скопје, наедно сопственик на правното лице.
При извршениот детален претрес на магацинот и камионот со кој се превезувале банани во еден од пакетите било пронајдено едно правоаголно пакување со непозната бела прашкаста материја – кокаин кое било облепено со зелена трака. Истото е одземено и предадено на понатамошно вештачење. Исто така, при претресите биле пронајдени и одземени мобилни телефони, парични средства во износ од околу 3000 евра, 700 долари, 188 илјади денари, како и товарно моторно возило „ивеко“, заедно со 1.098 пакети банани и останата документација.
По завршување на претресот од слобода се лишени: Ј. К. – возач на камионот, С. Е. – сопственик на правното лице и краен примач на стоката, Ј. Е. и Р. И. – кои биле затекнати во магацинот додека се вршел истовар на стоката.
Горенаведените лица се лишени од слобода, задржани се во полициска станица и истите во текот на денот ќе бидат предадени за понатамошна постапка кај надлежен јавен обвинител.
„Првичните проверки укажуваат дека правното лице кое е увозник, претходно во 120 наврати извршила увоз на овошје, во најголем дел од Колумбија и во помал дел од Еквадор.
Станува збор за меѓународна операција против криминалните структури вклучени во трговија со дрога и во оваа прилика сакам да изразам благодарност до колегите во Министерството за внатрешни работи, ОЈО и Царинската управа, како и партнерските институции од земјите кои се вклучени во оваа акција за високото ниво на соработка и конспиративноста во реализација на оваа полициска акција.
Во текот на денешниот ден и деновите кои следуваат од страна на Министерството за внатрешни работи ќе бидат преземени опсежни мерки за известување на земјите низ кои има поминувал транспортот сѐ со цел добивање дополнителни информации и утврдување на други криминални групации кои се вклучени во оваа транснационална нелегална активност.
Покрај овие меѓународни активности, Министерството за внатрешни работи ќе преземе активности за утврдување на останати правни или физички лица кои се во корелација со конкретното правно лице, а би можеле да бидат вклучени во оваа нелегална активност. А, дополнително во текот на денот ќе биде започната и финансиска истрага кон конкретниот правен субјект и физичките лица.
Со оглед на тоа дека се работи за голема количина, која според информациите била со крајна дестинација во нашата држава, уште еднаш се потенцира релевантноста на македонските криминални групи на меѓународниот кокаински пазар, а од друга страна инфериорноста и отсуство на волја од претходните политички чинители во државата за преземање на одлучни и конкретни чекори во справување со ова зло на нашето општество“, истакна денеска министерот Чулев.