/ Прочитано:

2.227

ОГЛАС ЗА ИЗБОР НА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КРИВИЧНИОТ И НА ВРХОВНИОТ СУД: Панчевски не исклучува повторно кандидирање, а Неделкова не открива

Претседателот на Советот, Зоран Караџовски, во изјава за медиумите по завршувањето на седницата рече дека и покрај тоа што наскоро следуваат предвремени парламентарни избори, огласот не може да се искористи во политичката кампања бидејќи Советот има законска обврска да објави оглас.

Седница на Судски совет

Судскиот совет денеска и официјално го објави огласот за избор на претседател на Врховниот суд и за избор на претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Претседателот на Советот, Зоран Караџовски, во изјава за медиумите по завршувањето на седницата рече дека и покрај тоа што наскоро следуваат предвремени парламентарни избори, огласот не може да се искористи во политичката кампања бидејќи Советот има законска обврска да објави оглас.

Огласот трае 15 дена и, во согласност со препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата, доколку во периодот кога ќе се создадат услови да бидат избрани судии и претседатели на судови има препораки да не се врши избор, изборот ќе биде направен по завршување на изборниот процес.

„Доколку не се изберат нови претседатели на судовите до парламентарните избори, според Законот за судови, ќе бидат избрани в. д. претседатели додека не се создадат услови за избор на претседатели“, вели Караџовски.

Седница на Судски совет

Претседателот на Судскиот совет вели дека е задоволен од работата на двата суда, со оглед на обемот на работа што ја имаат Врховниот суд и најголемиот кривичен суд.

„Тековно ние ја следиме работата на двата суда, начинот на работа и она што е во наша ингеренција. Со оглед на обемот на работа и периодот на штрајк на судската администрација, задоволен сум од нивната работа“, вели Караџовски.

Мандатот на Лидија Неделкова, актуелна претседателка на Врховниот суд, и на Владимир Панчевски, претседател на Кривичниот суд, истекува во декември оваа година.

На средба со новинарите на почетокот на септември, Неделкова не потенцираше дали ќе побара повторен избор на функцијата. Тогаш Неделкова рече дека два месеци пред истекот на мандатот Судскиот совет треба да објави оглас за избор на претседател, кој треба да се направи до 4 декември. Доколку не се избере претседател во тој рок, се поставува вршител на должноста претседател.

Претседателот на Кривичниот суд, Панчевски, во изјава за Академик, вели дека сè уште размислува за тоа дали ќе се пријави на огласот за добивање нов мандат како прв човек на највисокиот суд во земјава, но не исклучува ниту една од можностите.

Панчевски вели дека за време на својот четиригодишен мандат целосно ја спровел Програмата за работа на Судот која ја предложил при својата кандидатура.

„Не само што е завршена Програмата според годишните извештаи што се досега дадени, туку Програмата е проширена и реализирана во зависност од потребите на судското работење, за што можат да посведочат годишните извештаи за сите години и сите активности наведени во нив, во насока на реформи на судското работење и пристапот на граѓаните до правдата“, вели Панчевски за Академик.

Владимир Панчевски, претседател на Основен суд Скопје 1

Тој додава дека во изминатиот период биле воведени многу новини со кои на граѓаните им се олеснил пристапот до правдата, што било видно од работењето на овој Суд.

Во последниот извештај на Судскиот совет е наведено дека Врховниот суд на Република Македонија во 2015 година не остварил ефикасност и ажурност во решавањето на предметите, така што не го совладал приливот на новопримените предмети и го зголемил заостатокот за 86 предмети. И според последниот тримесечен извештај од 2016 година, презентиран на денешната седница, Врховниот суд е оценет како неажурен.

Претседателката Неделкова тогаш истакна дека причината за тоа е недостигот од судии. Таа очекува да се промени оваа состојба по изборот на четирите судии што беше направен на почетокот на септември.

За Основниот суд Скопје 1 Скопје, пак, во извештајот на Судскиот совет е наведено дека во 2015 година успеал да го совлада приливот на новопримените предмети и го намалил заостатокот за 1773 предмети, со што е оценува како ефикасен и ажурен суд. И според последниот тримесечен извештај за 2016 година Кривичниот суд работел ажурно.

М. С.