/ Прочитано:

1.162

Јавен повик на Академијата за судии и јавни обвинители до професорите по правни науки и истакнатите правници

Јавен повик за член и заменик-член на Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Скопје од редот на редовни или вонредни професори по правни науки или истакнати правници со академско звање доктор на науки.

„Ги покануваме сите заинтересирани редовни или вонредни професори по правни науки или истакнати правници со академско звање доктор на науки, кои поблиску се запознаени со работата на правосудниот сектор, да се пријават на јавниот повик за член и заменик-член на Програмскиот совет на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ Скопје, доколку ги исполнуваат условите од член 37 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители (Службен весник на Република Македонија бр. 20/15; 192/15; 231/15  и 163/18):

– Редовен или вонреден професор по правни науки или истакнати правници со академско звање доктор на науки, со најмалку осум години работно искуство во одредена правна област;

– Да поседуваат високи стручни квалитети и углед во вршењето на функцијата и професијата, кои имаат потврдени резултати во работењето на трудови, на написи и да имаат искуство во наставната или менторската работа поврзана со областа на правосудството;

– Во моментот на назначување со правосилна пресуда да не е осуден за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци и

– Во моментот на назначување со правосилна пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на судиската или јавнообвинителската функција.

Сите заинтересирани кандидати, кои ги исполнуваат условите предвидени во Законот за Академија за судии и јавни обвинители, да ги достават своите пријави со следните прилози:

– биографија, во која посебно треба да бидат наведени искуствата и достигнувањата на полето на едукација, како и наставни програми и модули,

– потврда за работно искуство,

– потврда дека со правосилна пресуда не се осудени за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци и

– потврда дека не им е изречена казна или прекршочна санкција за вршење на професија, дејност или должност за кривично дело или прекршок поврзани со злоупотреба на професионалната дејност.

Рокот за поднесување на пријавите е до 15 јануари 2019 година,  сметано од денот на објавувањето на овој јавен повик.

Пријавите може да се поднесат во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Скопје, бул. „Јане Сандански“ бр. 12/2, 1000 Скопје, работен ден од 8:30 до 16:30 часот.“