ОХРИДСКА ШКОЛА НА ПРИРОДНОТО ПРАВО: „Демократија и владеење на правото“
Денеска во организација на Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите се одржа првото издание на Охридската школа на природното право на тема: „ДЕМОКРАТИЈА И ВЛАДЕЕЊЕ НА ПРАВОТО“ .
На школата учество ќе земат еминентни домашни и странски професори и стручњаци и студенти од сите универзитети и факултети во државата, како и дваесет и пет магистранди и пет докторанди на правни и политички студии.
Како главни цели на Охридската школа на природното право се издвојуваат: проширување на знаењата низ заемно истражувачко искуство на студенти на втор и трет циклус на правни студии и нивните професори и ментори, во различни подрачја на правото низ интегралистички пристап, кој ги спојува: универзалните начела и стандарди на човековите права, водечките идеи и вредности на правото, вредностите на демократијата и владеењето на правото и правдата, позитивното право, примената на правото во практиката и правдата што со своите пресуди ја делат судовите во судската практика.
„Првата сесија во рамките на Охридската школа е посветена на демократијата и владеењето на правото, како ургентни потреби на нашето општество еднаш да заврши со процесот на транзиција и да влезе во процес на посттранзиција, во процес на стабилност обезбедена од демократски институции, право што е исправно, право што ќе ги штити слободите на граѓаните, ефикасност на институциите итн. Таквите процеси не се само задача на Владата, туку тоа е важна задача на целото општество. Таа е дефинирана со итните реформски приоритети што оправдано од нас ги бара ЕУ како чекор за враќање на патот кон евроатлантските интеграции. Доволно поуки се извлечени во овој тригодишен кризен период за тоа што значи да нема стабилни судски институции, да отсуствува ефикасно јавно обвинителство и да постои партизација на институциите“, истакна академик Владо Камбовски.
„Охридската правна школа е осмислена со цел сегашната состојба во која се наоѓа Македонија да биде осветлена не од гледиште на позитивното право, туку од стојалиште на природното право како прво кое треба да го има во земјата. Тоа претпоставува критичка оценка на севкупниот правен систем со сите закони поединечно, промена на сето она што не е исправно и сето она што не е законско да го отстапи местото на правото што има врска со правдата“, истакна професорот Светомир Шкариќ, кој додаде и дека доколку во правосудството нема темелни реформи, ниедна промена во која било област нема да има смисла.
Темелната промена, образложува професорот Шкариќ, значи осмислување на постојната состојба и предлагање излезни решенија. Сепак, додава професорот, не треба да се оди на целосно реформирање на правосудството, туку да се отвори процес на негово возобновување преку промени кои ќе резултираат со правичност.
Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, на денешниот настан истакна дека владеењето на правото е гарант за правдата и слободата, но и заштита на демократијата од тиранијата. Владеењето на правото, нагласи Бејли, е најголемиот предизвик на Македонија кон нејзината евроатлантска интеграција.
За академик Абдулменаф Беџети, потребни се редефинирање на правниот систем и промени во економската регулатива, особено во контекст на контролата на јавните финансии.
„Системски треба да се редефинираат многу работи, од создавање тела соодветни на специфичните прилики во земјата, преку примена на постојните нормативи како системот на контрола на јавните финансии, до придржување на основните начела и принципи за добро управување со јавните финансии во Република Македонија“, вели академикот Беџети.
Според агендата на Охридската школа за природно право, предвидено е свои излагања да имаат бројни имиња од редот на универзитетските професори. Помеѓу нив се: проф. Гордана Силјановска-Давкова која ќе говори за дилемите и предизвиците на конституционализмот, доц. д-р Димитар Апасиев кој ќе говори за владеењето на природното право низ историјата, потоа доц. др Ненад Марковиќ кој ќе говори за политиката и неформалните институции и практики и проф. д-р Ана Павловска-Данева која ќе говори на тема „Парасудските државни комисии во Република Македонија: Заштитници на човековите права и слободи или инфлација на државни институции“.
Исто така, според агендата, на школата ќе говорат и проф. д-р Александра Деаноска, која ќе се осврне на влијанието на (не)зависноста на судството врз судската заштита на човековите права, како и д-р Елена Мујоска-Трпевска која ќе има излагање насловено „Позитивни резултати или контраефекти: Анализа на состојбата и достигнувањата произлезени од реформата на правосудството“.
Проф. д-р Гордана Бужаровска ќе се осврне на неформалните облици на постапување со децата во ризик и детското повторништво, а проф. д-р Гордан Калајџиев ќе има излагање на тема со наслов: Зошто новиот ЗКП ја форсира процесната правичност наместо материјалната вистина?
Проф. д-р Никола Тупанчески ќе има излагање насловено „Корупцијата фундаментален проблем на правната држава: случај Македонија“, а проф. д-р Борче Давитковски ќе говори за независното управно судство како гарант за оценка на законитоста на управните акти.
„Извршување на мерката притвор во притворските одделенија на затворите во Република Македонија: положбата на притворените лица во Република Македонија de jure и de facto“ е наслов на излагањето на проф. д-р Александра Груевска-Дракулевски.
На Охридската школа за природно право, според агендата, предвидено е да се обратат и: министерот за правда Билен Саљији, правниот експерт Рајнхард Прибе, обвинителите Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристоска, како и судијката Лидија Неделкова и др.
Во рамките на Охридската школа се предвидува научно оспособување и усовршување на 20 студенти на постдипломски студии (втор циклус на студии) и 5 студенти на докторски студии (трет циклус на студии) од правните факултети во рамките на државните и приватните универзитети во државата, кои за верификација на стекнатите знаења ќе се здобијат со соодветни сертификати и дипломи кои ќе бидат клучни во номенклатурата на соодветни дипломи што се стекнуваат во високото образование.
Центарот за стратегиски истражувања (МАНУ), со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје, ќе ги обезбеди опремата и материјалите за непречена работа на студентите, докторандите и професорите во текот на одржувањето на Охридската школа на природното право.
M.В