/ Прочитано:

2.742

OХРИДСКА ШКОЛА НА ПРИРОДНОТО ПРАВО на тема: „Говор на омраза, криминал од омраза и други современи облици на криминалитет“

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Универзитетот на Југоисточна Европа, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, распишуваат повик за учество на Охридската школа на природно право на тема „Говор на омраза, криминал од омраза и други современи облици на криминалитет“ што ќе се одржи во Охрид од 17 до 23 септември 2017 година.

Летната школа ќе обработува теми поврзани со говорот на омраза, криминалот од омраза, корупција и криминална злоупотреба на власта, определени теми во врска со Законот за кривичната постапка и правната аргументација, процесните гаранции за правата на обвинетиот, притворот и слично.

Главна цел на школата, велат организаторите, е проширување на знаењата низ заемно истражувачко искуство на студенти на втор и трет циклус на правни студии и нивните професори и ментори, во полето на кривично-правната област низ интегрален пристап.

Школата воедно се стреми да ја подигне свеста на учесниците за појавите и ефектите од говорот на омраза и криминал од омраза, како и за користа од етничката, јазичната и религиозната различност за самото општество.

„Целите на летната школа се проширување на знаењата низ заемно истражувачко искуство на студенти на втор и трет циклус на правни студии и нивните професори и ментори, и тоа во различни подрачја на правото низ интегрален пристап, кој ги спојува универзалните начела и стандарди на човековите права; водечките идеи и вредности на правото; вредностите на демократијата и владеењето на правото и правдата; позитивното право; примената на правото во практиката и правдата што со своите пресуди ја делат судовите во судската практика.

Целта на школата е и запознавање и развој на искуствата на студентите на мастер и докторски студии и професорите од правните факултети во државата и од регионот, низ заедничка континуирана колективна работа, разгледување на можности за соработка на заеднички проекти на теми на кои студентите и докторандите студираат и работат, како и верификација на стекнатите знаења со соодветни сертификати и дипломи кои ќе бидат клучни во номенклатурата на соодветни дипломи што се стекнуваат во високото образование“, истакнуваат организаторите на Охридската школа на природното право.

Летната школа ќе се одржи во периодот од 17 до 23  септември 2017 година, во времетраење од 7 дена. Предавањата ќе се одржуваат во научниот и уметнички центар „Уранија“ во Охрид.

Повикот за учество може да го погледнете: ТУКА.

М.В