/ Прочитано:

4.700

ОЈО: Митревски го пресретнал, a Василевски-Нинџа пукал во Стоименов – клучниот сведок во „Детонатор“

Петок, 8 февруари 2013 –  Обид за убиство и помагање се двете кривични дела за кои се товарат Александар Василевски со прекар „Нинџа“ и Никола Митревски со прекар „Кољо“, кои полицијата ги уапси пред 2 месеци под сомнение дека се обиделе да го лишат од живот кочанчанецот Драганчо Стоименов викан „Дацо“, клучен сведок во процесот „Детонатор“ кој по четврти пат успева да им избега на куршумите и бомбите. Обвинетите се соочуваат со најмалку 5 годишна казна затвор.

На 7 страници обвинителот Зорица Павловиќ објаснува за двете дела за кои се товарат обвинетите Александар Василевски и Никола Митревски. Обвинетиот Василевски се товари за обид за убиство, а обвинетиот Митревски се товари за обид за убиство и помагање.

Според обвинението, Василевски и Митревски претходно имале договор, едниот од нив да го пресретне оштетениот Драганчо Стоименов, а другиот да пука во него. На 02.12.2012 година, вечерта околу 22:30 часот обвинетиот Митревски му пришол од десната страна на оштетениот и му се обратил – „Дацо, Дацо, чекај малку!, по ова оштетениот се свртел на десно, а од неговата лева страна се појавил обвинетиот Василевски и на оддалеченост од 2 метри со пиштол испукал еден проектил во него при што со огнострелна рана му го повредил десното колено. По ова, оштетениот избегал.

Обвинителството на суд бара да се сослуша оштетениот и уште 4 сведоци. Од писмени докази Обвинителството приложило записници од претрес на дом, вештачење на траги од огнено оружје, фото документација од 8 фотографии на кои се гледа местото на настанот, лекарско уверение за повредата на оштетениот, невропсихијатриско вештачење за обвинетиот Александар Василевски, извештај за повиците на телефонските апарати на обвинетите и писмо пронајдено во домот каде се криеше Василевски, а според ракописот и содржината на истото, Обвинителството смета дека тој го признава делото.

Василевски во истрага во своја одбрана рекол дека кобната вечер бил на роденден кај негови пријатели заедно со неговата сопруга. Таму се задржал до полноќ, а наредниот ден обвинетиот Митревски му се јавил појаснувајќи му дека имал некаков инцидент со оштетениот Стоименов. Од разговорот разбрал дека Стоименов направил кривилно дело, а не Митревски. Во своја одбрана негира дека тој присуствувал на местото на инцидентот.

Митревски пак, во своја одбрана вината ја префрлува на Стоименов. Според него, вечерта случајно се сретнал со оштетениот, имале разговор поврзан со некакви снимки и нивни заеднички познаник Влатко Пановски викан „Типе“. Потоа, заедно пешки се упатиле кон возилото на оштетениот, ја поминале улицата, а Стоименов за цело време разговарал на мобилен. Кога дошле до влезот на зградата на оштетениот, тој го поканил обвинетиот да се качи кај него дома, но овој го одбил. Во тој момент оштетениот извадил пиштол, го вперил кон Митревски, а овој пак во самодбрана го фатил пиштолот со двете раце. Според обвинетиот, пиштолот испукал неконтролирано, а куршумот завршил во десното колено на Стоименов. Тврди дека таа вечер не бил со Василевски, ниту се видел, ниту телефонски се слушнал.

Приказната на оштетениот горе-долу е слична со обвинението. Во него се наоѓа и исказот на таксист кој потврдува дека од населбата Аеродром превезувал две лица, бил на препознавање во полициска станица и ги препознал Василевски и Митревски. Вечерта ги пренел до скопската населба Автокоманда.

Во истрага се сослушани и сведоците Ибраим и Сузана Ајдини, за кои Василевски тврди дека вечерта бил кај нив на гости. Тие заедно со сопругата на Василевски го потврдуваат неговото алиби.

Судењето почнува на 14 февруари, а судскиот совет ќе го предводи судијата Љубинка Башевска. 

Драганчо Стоименов преживеа уште неколку обиди за убиство за кои се води постапка. Во судскиот процес познат како „Детонатор“ организаторите на групата се теретат дека во три наврати се обиделе да го убијат оштетеното лице Драганчо Стоименов. Во два наврати според обвинението тие се одгoворни за поставените експлозиви во возилито на сопругата Јанка Стоименова, а третиот пат обвинителството го товари првообвинетиот Игор Горански дека со ловна пушка со возило го бркал оштетениот, од булеварот „Јане Сандански“ до гостилницата „Ка“ во центарот на Скопје.