/ Прочитано:

1.873

ОЈО: Разбиена досега најголема организирана група на криумчарење мигранти

Обвинителството информира дека се преземени дејствија за процесуирање на поднесената кривична пријава од страна на МВР на РМ против вкупно 23 лица.

Во рамките на својата надлежност и континуирана борба против организираниот криминал и корупција, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден, спроведе координирана акција со Министерството за внатрешни работи на Република Македонија за сузбивање на организираното шверцување мигранти, на подрачјето на повеќе населени места.

Обвинителството информира дека се преземени дејствија за процесуирање на поднесената кривична пријава од страна на МВР на РМ против вкупно 23 лица.

„Меѓу осомничените има едно малолетно лице, а 4 лица се државјани на Република Албанија. Постои основано сомнение дека лицата сториле кривични дела – шверцување мигранти по член 418-б и организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и шверцување мигранти по чл.418-в од Кривичниот законик. Против 22 лица е донесена наредба за спроведување на истражна постапка и до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесен предлог за определување на мерка притвор, а против малолетното лице до судијата за деца при Основниот суд Скопје 1 – Скопје е поднесено барање за поведување подготвителна постапка со предлог за определување мерка притвор“, се наведува во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во моментот, како што понатаму се вели во соопштението на Обвинителството, на 12 осомничени лица, достапни на органите на прогонот, им е определена мерка  притвор во траење од по 30 дена, а на едно лице мерка куќен притвор.

„Другите 10 лица се во бегство и се преземаат мерки и дејствија за нивно пронаоѓање. За понатамошниот тек на истрагата, јавноста континуирано ќе биде известувана“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.