/ Прочитано:

1.023

ОЈО: Се постапува по примено известување за неовластено снимање

„СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје достави Известување кон кое е приложен Записник за примена кривична пријава изготвен од ПС Центар на 15.05.2019 година во кој пратеник во Собранието на Република Северна Македонија пријавил непознат сторител на кривично дело – Неовластено прислушување и тонско снимање од член 151 од Кривичниот законик.

Според наводите во пријавата, на неодреден датум во периодот од март до мај 2019 година, додека се превезувал со такси возило од неидентификувана компанија и разговарал на мобилен телефон, пратеникот неовластено бил сниман од возачот на такси возилото. Разговорот потоа бил објавен на Youtube профилот Бомби 2019 како и на руската социјална мрежа vkontakte.

По приемот на ова известување од страна на надлежен јавен обвинител веднаш беше изготвено барање за доставување податоци до Youtube кои се однесуваат на комплетни логови за наведениот профил, ИП адреси користени за пристапување и најавување на тој профил, како и ИП адреса од која е креиран профилот.

Воедно до Министерството за внатрешни работи е доставена Наредба за да бидат направени проверки околу утврдување на идентитетот на таксистот кој наводно извршил снимање на разговорот, да се направат проверки од кое лице евентуално била нарачувана наркотична дрога и за кое лице била нарачувана. Министерството за внатрешни работи преку меѓународните инструменти кои ги користи ќе треба да направи проверки и за тоа кој е сопственик на профилот на руската социјална мрежа vkontakte.

По направените проверки, доколку се утврди идентитетот на сторители на кривични дела и се обезбедат законити докази, МВР треба да поднесе кривична пријава до Обвинителството“, се вели во соопштението на Обвинителството.

М.В