/ Прочитано:

1.410

ОЈО СКОПЈЕ: Клучен доказ за истрагата за самоубиството на Крпач е записникот од неговиот исказ пред СЈО дека трпел закани

ОЈО Скопје досега до СЈО испратило едно барање за предавање на записникот и уште двапати ургирало за добивање на записникот, но сè уште нема добиено одговор. Обично, надлежните од ОЈО Скопје велат дека ваков документ треба да му биде предаден на друг орган или на Обвинителството во рамките на меѓусебна соработка и за тоа не постојат никакви пречки, без разлика што е дел од истрага на друго обвинителството, која исто така е тајна.

Табла, Основно јавно обвинителство Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје ја утврдило смртта на Коста Крпач како самоубиство. По вчерашна прес-конференција на СЈО, каде што името на нивниот сведок Крпач беше споменато како дел од случајот „Трезор“, од ОЈО Скопје информираат за истрагата што ја водат во поглед на расветлување на околностите под кои се случило самоубиството.

Како што беше истакнато на средбата за новинарите, пресуден момент во животот на Крпач извршил претресот по налог на СЈО, а по наредба од Кривичниот суд во Скопје, кој се случил на 6 април оваа година. Од вербалните изјави собрани до 19 лица, од кои 10 лица се припадници на МВР, Обвинителството заклучува дека Крпач го променил своето однесување.

„На 7 април следниот ден тој се јавува во Специјалното јавно обвинителство, каде што сведочи и каде што, според изјавите на СЈО, открил дека е под притисок и дека трпи закани“, велат од ОЈО Скопје.

ОЈО Скопје добило одговор од СЈО во однос на извршениот претрес и во однос на изјавата на Крпач дека трпел закани, но сметаат дека клучно во нивната истрага е да го добијат записникот од сослушувањето на Крпач, во кое тој вели дека трпел закани, со цел да утврдат дали некој го поттикнал на чинот на самоубиство.

„Менувањето на расположението на Крпач е многу важен елемент во истрагата бидејќи во Кривичниот законик постои кривично дело наведување и помагање на самоубиство кое се врши преку заплашување или со преземање на дејствија кои ќе го натераат да се самоубие“, велат од ОЈО Скопје.

ОЈО Скопје досега до СЈО испратило едно барање за предавање на записникот и уште двапати ургирало за добивање на записникот, но сè уште нема добиено одговор. Обично, надлежните од ОЈО Скопје велат дека ваков документ треба да му биде предаден на друг орган или на Обвинителството во рамките на меѓусебна соработка и за тоа не постојат никакви пречки, без разлика што е дел од истрага на друго обвинителството, која исто така е тајна.

„Ние не сме заинтересирани за неговото сведочење поврзано со случаи што ги води СЈО. Нас единствено нè интересира дали во тој записник се споменати лица кои го вршеле притисокот и кои му се заканувале, што е од клучно значење за нашата истрага“, велат од ОЈО Скопје.

Сите други информации што ги добиле од СЈО биле проверени и од страна на ОЈО Скопје и тие го помагаат текот на истрагата, но уште еднаш потенцираат дека е клучен записникот.

И семејството на Крпач лично се обратило до ОЈО Скопје со барање за повеќе информации за смртта на Крпач. Од разговорите со сопругата на Крпач било утврдено дека тој го променил расположението, но не ѝ кажал дали е под закани.

Останатите околности под кои се случил настанот, а кои можат да се проверат, се дека Крпач најпрво испукал четири куршуми од терасата на својот стан во центарот на Скопје, по што со истиот револвер, кој го поседувал со дозвола, си го одзел животот.

Коста Крпач беше пронајден мртов во својот дом на 27 април оваа година. Тој беше и дел од лицата кои беа помилувани со одлука на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

М. С.