ОЈО Скопје отвори истрага против 13 вработени во Агенцијата за катастар на недвижности
Осомничените, како референти за шалтерско и архивско работење, при приемот на пријавите – барањата од странки, наплатата на надоместокот (административната такса) ја вршеле за парични средства во готово, при што ги убедувале странките дека им помагаат со тоа што надоместокот тие лично ќе го платат преку нивните лични платежни картички.
Тринаесет лица од Агенцијата за катастар на недвижности се под истрага за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, според чл. 353 од Кривичниот законик, информираат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Во период од повеќе од три години, осомничените, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, за себе прибавиле противправна имотна корист од речиси два милиони денари.
Осомничените, како референти за шалтерско и архивско работење, при приемот на пријавите – барањата од странки, наплатата на надоместокот (административната такса) ја вршеле за парични средства во готово, при што ги убедувале странките дека им помагаат со тоа што надоместокот тие лично ќе го платат преку нивните лични платежни картички.
„Осомничените веднаш по направеното плаќање со платежните картички преку ПОС-терминалите вршеле сторнирање на направените трансакции, а кон примените пријави – барања од странките го приложувале веќе отпечатениот ‘слип’ – потврда за извршено плаќање, како доказ дека административната такса е наплатена и предметот го пуштале во понатамошна процедура. Добиените парични средства во готово ги присвојувале за себе и притоа се стекнале со противправна имотна корист во износ од 1.883.433,00 денари“, се наведува во соопштението на ОЈО Скопје.
Обвинителството веќе доставило до судија на претходна постапка предлог за определување на мерки на претпазливост за осомничените со цел да биде обезбедено нивното присуство за време на истражната постапка.
Во декември минатата година Финансиската полиција ја реализираше оперативната обработка „Геодет“. Вкупно 19 лица, од кои девет актуелни и двајца поранешни вработени во Агенцијата за катастар на недвижности, еден сопственик на приватна геодетска фирма од Скопје и седум други лица, беа осомничени дека незаконски се стекнале со недвижен имот.
Осомничените се товареа за повеќе кривични дела, и тоа: злоупотреба на службената положба и овластување, соизвршителство, примање поткуп, поднесување на лажни докази и помагање. Со ваквите дејствија тие направиле катастарски малверзации тешки 5 милиони евра.