ОЈО СКОПЈЕ: Постојат сомневања за злоупотреба на службената положба, за измама и за финансиски криминал на Универзитетот МИТ
„Првичните сознанија на Обвинителството упатуваат на тоа дека на Универзитетот биле запишувани поголем број студенти на факултетите за дентална медицина, козметологија и физиотерапија. Со проверка е утврдено дека оваа високообразовна институција не поседува дозвола за работа за Факултетот за дентална медицина, додека за Факултетот за козметологија и физиотерапија нема ниту дозвола, ниту акредитација“, велат од Обвинителството.
Основното јавно обвинителство Скопје прибрало релевантна документација, податоци и други предмети – компјутери и компјутерски податоци, кои ќе ги користи како докази во кривичната постапка поврзана со акцијата на Универзитетот МИТ, која се спроведуваше вчера и утринава.
Како што велат од Обвинителството, до Државниот инспекторат за труд биле поднесени повеќе од 20 претставки од студенти од Турција, како и реакции од Амбасадата на Република Турција во земјава кои се однесувале на запишување на студенти на одделни факултети за кои Универзитетот нема добиено акредитација или дозвола за работа од Министерството за образование и наука.
„Првичните сознанија на Обвинителството упатуваат на тоа дека на Универзитетот биле запишувани поголем број студенти на факултетите за дентална медицина, козметологија и физиотерапија. Со проверка е утврдено дека оваа високообразовна институција не поседува дозвола за работа за Факултетот за дентална медицина, додека за Факултетот за козметологија и физиотерапија нема ниту дозвола, ниту акредитација“, велат од Обвинителството.
За студентите кои биле запишувани да студираат на овие факултети во факултетската документација се водела паралелна евиденција за отчет пред државните институции, покрај онаа за кореспонденцијата со студентите, велат од ОЈО Скопје.
Сопственичката Билјана Апостолова во изјава за новинарите истакна дека Универзитетот побарал акредитација за наведените факултети од Одборот за акредитација уште во 2014 година.
„Според Законот за високо образование и според нормативите и стандардите со кои треба да работи Одборот за акредитација, во рок од 60 дена треба да се даде решение, односно акт со кој ќе се каже дали Универзитетот, односно единицата која ја бара акредитацијата, ќе добие позитивно или негативно мислење. Сега е октомври 2016 година, а ние сè уште немаме добиено такво нешто. Напротив, ние постојано добиваме насоки за обезбедување на соодветни лаборатории – хемиска, хистолошка, лабораторија за анатомија, за патологија, за биологија, за медицинска физика, ваков амфитеатар, такви училници. Потрошивме огромни средства за да го обезбедиме сето она што го бараше Одборот за акредитација. Одборот се растури еден месец порано само за да не одлучува за нашето барање, што е спротивно на законот, а новиот состав на Одборот почна со работа четири месеци подоцна“, вели Апостолова.
Од ОЈО Скопје наведуваат дека во случајот постои основано сомнение за злоупотреба на службената положба и измама и дека е вршен финансиски криминал. Од Обвинителството велат дека ќе продолжат со дејствијата за расветлување на целиот предмет.
Оттаму додаваат дека компјутерската опрема одземена при претресите ќе биде вратена со цел да не се попречува функционирањето на Универзитетот.
М. С.
Апостолова: Универзитетот МИТ продолжува со работа