/ Прочитано:

2.408

ОЈО за организиран криминал и корупција чека насоки од Советот на јавни обвинители за предметот за Божиновски

ОЈО за организиран криминал и корупција ќе ја почитува претходно донесената одлука на Советот на јавни обвинители како единствен надлежен орган што ја оценува законитоста во работењето на обвинителствата и ќе чека насоки од Советот како да постапува и во предметот за Божиновски.

Основно јавно обвинителство Скопје

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција појаснува зошто е предаден во Советот на јавни обвинители наместо во СЈО предметот за Зоран Божиновски.

Од Обвинителството велат дека чекаат насоки од Советот на јавни обвинители како да постапуваат со предметот за Божиновски бидејќи претходно Советот одлучувал и за предметот „Шпион“ во кој првично беше опфатен и новинарот.

„Советот на јавните обвинители, решавајќи за предметот „Шпион“, во април годинава достави одлука според која Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е надлежно за постапување за предметот „Шпион“. Советот ја достави одлуката до Основниот суд – Скопје, до Апелациониот суд – Скопје, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, велат од Обвинителството.

Поради тоа, ОЈО за организиран криминал и корупција ќе ја почитува претходно донесената одлука на Советот на јавни обвинители како единствен надлежен орган што ја оценува законитоста во работењето на обвинителствата и ќе чека насоки од Советот како да постапува и во предметот за Божиновски.

СЈО го побара предметот со цел да утврди дали има надлежност над него бидејќи Божиновски првично беше опфатен во предметот „Шпион“ за кој Специјалното јавно обвинителство веќе има воспоставено надлежност.

Судењето за Зоран Божиновски, пак, кој е обвинет за три кривични дела: злосторничко здружување од чл. 394 ст. 2, шпионажа од чл. 316 ст. 3 в.в. со чл. 45 и уцена од чл. 259 ст. 2 в.в. ст. 1 в.в. со чл. 19 од Кривичниот законик, почнува на 1 септември.

М. С.

Наместо во СЈО, предметот за Зоран Божиновски предаден во Советот на јавни обвинители