/ Прочитано:

413

ОЈО за пресудата на Апелациониот суд за сообраќајната несреќа кај Млечен ресторан

„Јавното обвинителство  ја прими пресудата на Апелациониот суд Скопје со која се уважува жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје во поглед на кривичната санкција изречена со првостепената пресуда во предметот за сообраќајната несреќа која се случи на 12.10.2018 година кај Млечен ресторан.

Со пресудата, Апелациониот суд ја преиначи првостепено изречената условна осуда и на обвинетиот кој беше огласен за виновен за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик му изрече ефективна казна затвор во траење од две години, како и забрана за управување со моторно возило од Б-категорија во траење од две години, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во нејзиното траење.

Против првостепената пресуда во овој предмет жалба вложи и оштетената, но беше отфрлена како недозволена.

Апелациониот суд во целост ја анализираше утврдената фактичка состојба во предметот. Притоа со донесената пресуда оцени дека во конкретниот случај постои правилна примена на материјалното право, со оглед на тоа што во дејствијата на обвинетиот прецизно се опишани елементите на кривичното дело кое му се ставаше на товар со поднесеното обвинение и за кое обвинетиот беше огласен за виновен со првостепената пресуда.

Ценејќи ја, пак, одлуката за кривичната санкција, Апелациониот суд ги прифати наводите на Основното јавно обвинителство Скопје, потврдени и со писмениот предлог на Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно кои првостепениот суд во недоволна мера ги ценел отежнувачките околности и дека целта на казнувањето во конкретниот случај не може да се оствари со изречената алтернативна мерка – условна осуда.

Од тие причини Апелациониот суд донесе одлука да ја преиначи првостепената пресуда во овој предмет во делот на кривичната санкција, притоа оценувајќи дека затворска казна од две години и двегодишна забрана за управување со автомобил се адекватни на тежината на стореното кривично дело и ќе претставуваат адекватен општествен прекор за преземените противправни дејствија“, се вели во соопштението на Обвнителството.

Апелациониот суд ја преиначи пресудата за сообраќајната несреќа кај Млечен ресторан

ОЈО вложи жалба на условната осуда во предметот за сообраќајната несреќа кај Млечен ресторан

Претставка до Судскиот совет и соопштенија на ЈО и Кривичниот суд за пресудата за сообраќајката кај „Млечен ресторан“

М.В