/ Прочитано:

2.147

СУДСКА ПОЛИЦИЈА: Безбедноста над сè – 250 илјади граѓани годишно минуваат низ детекторот на скопскиот Кривичен суд

Вкупно тринаесет судски полицајци се грижат за безбедноста на најголемиот суд во земјава, премалку со оглед дека само минатиот месец низ оваа институција поминале повеќе од 26 илјади граѓани. Дрога, пиштоли, ножеви, боксирачи се само дел предметите кои детекторот секојдневно ги регистрира. Постојано се среќаваме со специфични ситуации. Поготово во последно време има некоја негативна енергија кај странките, а веројатно и казните се поголеми и скоро на секоја пресуда има реакции каде што ние мораме да реагираме. Судската полиција носи многу голема одговорност, не смее да се импровизира, не дај Боже да се случи нешто, ние идеме директно в затвор – истакнуваат „чуварите“ на редот и мирот Основниот суд Скопје 1. 

Иако со намален интензитет, бидејќи во тек е судската ферија, работата на судската полиција не застанува. Најпрвин, наутро секое ќоше на Судот мора детално да се провери за да се обезбедат основни услови за работа. Контролата на влезот е задолжителна, проверката на детекторот мора да се заврши беспрекорно. Секоја грешка може да биде фатална за секој вработен, како и за секоја странка. Обезбедување на судиите, вработените во судот и на странките кои се наоѓаат во судот е примарна должност на Судската полиција.  Доволни се само неколку примери од пракса за да се сфати потребата од ефикасна заштита на судовите.

„Проблеми на влез имало. Затоа во последно време сакам проверката буквално да биде со вадење на ремените бидејќи  нѝ се случи приведено лице кое го носат двајца полицајци од полициска станица и за кое тие велат дека е проверено да носи нож со себе. Имено, ние го поминуваме на детектор, лицето извади мобилен телефон, клучеви, цигари и детекторот повторно свиреше, по што ние му  кажавме да го извади ременот од кој му испадна нож. Друго лице, кое очигледно дека беше зависник од наркотични средства, извади сѐ, но детекторот повторно свиреше, бидејќи имаше скриени шприцови и неколку грама кокаин. Неколку пати се случува да наоѓаме кокаин. Тогаш ја известуваме Единицата за недозволена трговија со дрога и оружје и тие доаѓаат и тука завршува нашата работа. Никаде нема дека јас сум ја фатил дрогата на детектор, туку  тие си го препишуваат тоа.  Пред извесно време лице на кое му беше истечена дозволата за оружје,  го носеше со себе оружјето во Суд, тој нема никакво право да го носи истото. Исто така имаме многу боксирачи фаќано…, доаѓаат луѓе со секави предмети“, раскажува  Зоки Миновски, командир на Судската полиција на Основниот суд Скопје 1.

Детално проверувајќи го секое лице, вклучително ја и екипата на АКАДЕМИК, Драган Јосевски, припадник на Судската полиција, се надоврзува на својот надреден и посочува дека одговорноста која ја носат е голема.

„Судската полиција носи многу голема одговорност, не смее да си импровизира, не дај Боже да се случи нешто, ние идеме директно в затвор. Ама, од тие причини тука нѝ е дадена голема слобода. Ние работиме многу професионално. Овде има луѓе кои работат по 17 години и тие оперативата многу добро ја познаваат, јас лично го работам ова веќе 15 години.  Странките ги познаваме веднаш штом ќе ги погледнеме во очи, точно знаеме кој за што е спремен, но не правиме никаква разлика по никоја основа:  верска, расна, полова. Дали бил стар или млад, значи тоа нас не не интересира, секој мора да биде проверен!“, истакнува Јосевски. 

Според Јосевски, пет отсто од лицата кои влегуваат во Судот важат за екстремно опасни.

„Што и да им кажеш тие се однесуваат одбранбено. Без разлика на нивното однесување, ние мораме да се однесуваме професионално.  Тие се за посебно внимание и го пратиме нивното движење и во судница, тие можат дури и да нападнат човек“, вели тој.

Кога станува збор за обезбедувањето во судница, првиот човек на судската полиција во скопскиот Кривичен суд истакнува дека најчесто помалите судењата за кои судијата оценил дека нема потреба од нивна асистенција се претвораат во „проблематични“.

„Најголеми проблеми се јавувале кај малите судења кои и не биле  пријавени од судијата се обезбедување. Судијата мисли дека не е големо судењето –  еден, двајца обвинети, но ете се случи за обична кражба да бидат нападнати судијата и обвинителката на судење кое се одвиваше во судница во Апелација, бидејќи нели некогаш судења на Основниот суд поради немање просторни услови се одвиваат во зградите на Врховен и Апелација, ама овие згради нам ни се подалеку, па не можеме брзо да изреагираме, тука ни е блиску, а и судијата има копче за дојава. Еден, пак, сакаше да го гаѓа судијата со столица. Се случувале и тепачки меѓу странки пред судници. Агим Красниќи, пак, нападна сведок во ходник и тоа кога е спроведуван од затвор во придружба на затворска полиција. Ние во тој момент веќе бевме во судницата, а тој поминувајќи со двете раце на кои имаше лисици го удрил сведокот, по што нормално дотрчавме да интервенираме“,  објаснува Миновски.

Меѓу тринаесетмината судски полицајци кои се грижат за за јавниот ред и мир во скопскиот Кривичен суд, две се припаднички на понежниот пол.

„Нашата задача, мојата и на колешката, најчесто се состои во легитимирање на странките при што сме должни да запишуваме кој во која судница оди и во кое својство: обвинет, оштетен или сведок.  Всушност, ние сме мостот меѓу странките и судиите“, низ насмевка вели судската полицајка Виолета Тодорова.

Кусок од судски полицајци — главна пречка за успешна работа

Командирот Миновски отворено говори дека  дел од проблемите со кои во минатото Судската полиција се соочувала се надминати, но повеќето, како што вели, и понатаму егзистираат. Според  него еден од основните проблеми е недоволниот број  на судски полицајци.

„Само минатиот месец низ вратата на Основниот суд Скопје поминале дури 26.235 илјади граѓани. Значи тринаесет судски полицајци на преку 20 илјади луѓе. Во некои судови има 1.000 странки годишно, а имаат девет судски полицајци. Во некои судови бројноста на судските полицајци е поголема, а немаат такви задачи како што имаме ние. Не сме доволно луѓе и вие самите гледате дека на судење на каде што има десетина обвинети, се пуштаат минимум десет луѓе од фамилиите и тоа се веќе 20 луѓе што можат да направат проблем, а  можеш да поставиш само двајца до тројца луѓе зошто другите се на други локации: еден  е во Врховен, еден е во Апелација и немаш луѓе! Во прва смена работат седум луѓе, еден е ноќна смена, а се случува судски полицаец да работи прва смена, да дојде ноќна смена и да остане после ноќна смена. Тоа е премногу! Дури и кога има два дена слободни, не можеш да го ставиш слободен бидејќи ти е потребен на работа. Тука е сместено и Одделението за организиран криминал, роковикот е секојдневно полн! Еве на пример јас во овие два месеца имам направено 250 часови вишок, а само 32 ми се плаќаат. Со толку луѓе не можеш да функционираш, не можеш зградата да ја обезбедиш. Криминалот се повеќе го има и правопропорционално на тоа има сè повеќе судења. Некои лица се апсат со 400 полицајци, а јас овде истите ги обезбедувам со тројца луѓе“, нагласува тој.

Миновски тврди дека и понатаму не им се исполнуваат дел од правата загарантирани со Законот за судска служба. Како неправда го оценува тоа  што судската полиција нема право на бенефициран стаж. 

„Не може јас да немам бенифициран стаж, а полицаецот кој ми го носи лицето и затворскиот полицаец да имаат. Полицаецот ми го носи лицето, јас го чувам, се расправам овде со него по цели вечери, распити траеле и по 24 саата, го предаваш на затвор и тој полицаец има бенефициран стаж, само ти во средина немаш. Носиш оружје, животот ти е загрозен секојдневно, дали на паркинг, дали на детектор или  во судница. Ние сакаме судската полиција да функционира како што треба и да нѝ биде платено за тоа што работиме, а не да не наградува некој за нешто“, подвлекува командирот на Судската полиција на Основен суд Скопје 1. 


Автор: Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk Објавено: 05.08.2014