/ Прочитано:

1.986

Операцијата успешна, пациентот мртов: јазикот на адвокатско-судската интелигенција допрва треба да се упати на интензивна нега

Наспроти општата согласност за важноста на адвокатско-судската интелигенција како општествен чинител, јавниот настап на домашните адвокати и на судиите, без оглед на фактот што не постои право надвор од јазикот и без разлика на стручната поткованост, честопати оддава оти јазикот не им е силна професионална одлика. Ако јазикот во јавната комуникација е огледало на културниот амбиент во државата, д-р Томислав Треневски од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, поставува јасно прашање: зошто за многу високообразовани луѓе што стапуваат на работа во елитна институција не се подразбира, како најелементарен признак, како природна, а сепак и општествена, службена обврска и потреба да се употребува соодветен јазичен израз?

Сред општата согласност дека адвокатско-судската интелигенција е беспримерен општествен чинител со својата функција на чување и на бранење на интересите на граѓанството, но и на државата, јавниот настап на домашните адвокати и на судиите честопати остава впечаток оти јазикот не им е силна професионална одлика. Впрочем, профилот на успешниот адвокат изискува солидна јазична поткованост и напредни ораторски вештини со оглед на фактот што не постои право надвор од јазикот: тоа се создава, се изразува, се пренесува и се развива единствено преку јазикот. Квалитетот на правото непосредно зависи од квалитетот на јазикот, а она што важи за квалитетот на јазикот на правото, важи и за потребата од владеење на јазикот од страна на правниците. Ако одблизу се фрли поглед врз говорот и врз писмото применувани низ лавиринтите на македонското правосудство, лесно може да се засведочи спротивното: примената на стандардниот македонски јазик во законодавството, во правосудството и во адвокатурата е длабоко нарушена и допрва треба да подлежи на интензивна нега.

Доброто владеење на јазикот е незаменлив предуслов за успешна работа во сите области на правото: во законодавството, во примената на правото во судството и во администрацијата, за правно советување, формулирање договори, изготвување правни документи, за научноистражувачки потфати и за проекти, како и за полагање на испитите по право. Како што истакнуваат Бернд Ритерс и Кристијан Фишер, германски универзитетски професори по право, во својата „Теорија на правото“: „Границата на јазичните способности е горна граница на правната квалификација која не може да се пречекори. Успехот во професијата од областа на правото се постигнува, пред сѐ, со средствата на јазикот.“ Овој факт го потврдува и подробно го објаснува д-р Томислав Треневски од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

„Се подразбира дека припадниците на адвокатско-судската интелигенција имаат висок (во одделни случаи и престижен) статус во општеството, така што (треба да) се достојни за почит. Во поглед на нивниот јазичен израз, забележливо е дека многу често тој не е на соодветно (очекувано) рамниште: при усното изразување има карактеристично поместување на акцентот, било напред, на четвртиот слог од крајот на зборот (денот на објаву̒вањето, зa̒ложниот доверител, пo̒движните предмети, нe̒позната адреса, наведено во решe̒нието итн.), било нанапред (стечајна постa̒пка, старa̒тел итн). Ова е дел од (веројатно за повеќето од нив) една утврдена јазична практика со која (како и кај политичарите) сметаат дека се дава дополнителна тежина или важност на кажаното“, објаснува д-р Треневски.

Неговите разгледи не се разликуваат ниту во однос на квалитетот на печатените текстови: забелешки може да се упатат за повеќе одделни јазични рамништа.

„Нормата не се применува и на т.н. општи места (се ‘отвaра’ стечајна постапка, паѓа на ‘терет’ на тужениот, ‘покрене’ или ‘превземе’ мерки, ‘предходни’ сознанија и др.). Освен правописни и интерпункциски грешки и недоследности, факт е дека има и специјализирана лексика и изрази што се дел од оваа професија (со основ смеќавање на владение, процесно полномошно, постави времен старател, предимствено право за купување и др.). Во однос на организацијата на текстовите, не може да се заобиколи фактот дека се тие високоформализирани и крајно клиширани; всушност, нивната вкалапеност (како да) не им дава многу простор на авторите да оформат покултивиран исказ, затоа што автоматизираноста при наведувањето на фактите, според однапред дадена шема, побарува точно определен редослед. Според Законот за употребата на македонскиот јазик, сите документи треба да бидат лекторирани, но очигледно не е така“, укажува д-р Треневски.

Според одредбите во Членот 7 од Законот за употребата на македонскиот јазик — во кој македонскиот јазик се утврдува како духовно богатство од посебно културно и историско значење за Републиката — службените текстови  од законодавната, извршната и судската власт, локалната самоуправа, учебниците, емисиите, печатот, преводите и другите текстови од член 5 став 1 на овој закон, што се објавуваат, задолжително се лекторираат на македонски јазик. Парадоксално, во Членот 13 јасно се наведува оти е предвидена глоба во износ од 1000 до 1500 евра во денарска противвредност за прекршок на правното лице што ќе објави нелекториран текст. Глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот од ставот 1 на овој член и на одговорното лице во правното лице.

На правниците мора на срце да им лежи прецизирањето на нивните искази

Клишираноста, употребата на затврдените форми и изрази, императивноста, како и едноличноста на речениците се заеднички карактеристики не само на законодавно-правниот потстил, туку и воопшто за целиот административен стил. Реализиран преку закони, статути, наредби, пресуди и сл., со законодавно-правниот потстил доаѓа до израз авторитетот на власта, на државата. Понекогаш се добиваат долги еднолични реченици во кои при набројувањто тешко може да се следи информацијата што треба да биде искажана. Спротивно на таквата практика, Бернд Ритерс и Кристијан Фишер порачуваат оти „на правниците мора на срце да им лежи прецизирањето на нивните искази. Стремежот на правниците мора да оди дотаму, потребната стручна терминологија да ја сметаат како способна за изразување и како разбирлива, така што нема да добие бариера која не може да се премине за граѓаните кои бараат правда.“

„Понекогаш цели параграфи се предадени како една реченица. Сепак, во уште поголема мера ми пречат несмасните конструкции што се сметаат за ‘задолжителен’ образец: неприфатливиот збороред, тавтолошките натрупувања, неправилната употреба на предлозите и случаите кога отсуствуваат а се потребни во текстот, бесмислената употреба на ‘истиот’, отсуството на членот каде што е задолжителен итн. Во законските текстови, пак, фреквентно е повикувањето на членови, на ставови од ист закон или упатувањето на други текстови на различни закони, што е во прилог на економизирањето во јазичното изразување. Во такви ситуации, често пати именките ‘член’, ‘став’ и сл. се пишуваат како неопределени именки, т.е. не се членуваат, сосема спротивно на нормата на македонскиот стандарден јазик. Иако станува збор за административен стил во кој прецизноста и економијата имаат важна улога, не е во духот на македонскиот јазик да не се членуваат ваквите именки,“ потцртува д-р Треневски и нè упатува на неколку илустративни примери во кои неопходните корекции ги обележуваме со курзивни букви:

Пример бр. 1: Се повикува тужениот […] од […] да во рок од 30 дена од објавувањето на огласот да се јави на судот и да достави своја адреса или назначи полномошник, а доколку во овој рок не го извести судот за точната адреса на тужениот тоа судот му поставува времен застапник […] адвокат од […], кој ќе го застапува тужениот во постапката сѐ додека тужениот или неговиот полномошник не се појави пред Судот или додека Центарот за социјални работи не го извести судот дека назначил старател. Трошоци за објавување на огласот паѓаат на терет на тужителот. Пример бр.2 Со оглед да на тоа што тужениот е со непозната адреса Судот по службена должност а согласно одредбите на ЗПП за привремен застапник на тужениот го поставува адвокат […] од Куманово сѐ до стапување на тужениот во оваа парница а доколку истиот не стапи за време на траење на парница се до правосилно окончување на истата. Пример бр.3 Пред Основниот суд […] заведена е постапка по во однос на тужбата на тужителот […] од с. […], преку полномошник адв. […] од […], против тужениот […] сега со непозната адреса во Р. Италија, по основ, врз основа на измена на судска одлука, од вратените доставници и известието известувањето на МВР-СВР Гостивар под бр. […] од […] година, Судот е известен дека истиот се наоѓа во Р. Италија на непозната адреса, со цел окончување завршување на предметот, за привремен застапник му е назначен адв. […] од Гостивар, сѐ додека не се појават пред Судот, односно сѐ додека органот за старателство не го извести Судот дека му назначил старател.

Претходното општествено уредување сè уште го оптоварува јазикот на судскиот систем

Во колкава мера влијае претходниот општествен систем врз денешната примена на македонскиот јазик во администрацијата, според Треневски, е прашање за долга дебата. Тој уверува дека и по осамостојувањето на Република Македонија администрацијата продолжила да функционира на познатиот, утврден начин. Не осмелувајќи се да навлегува во анализа на бирократските процедури, туку само искажувајќи впечатоци и согледувања за јазикот, Треневски укажува дека ако во некои минати времиња имало наметнати престижни модели, како да се објасни фактот дека многу од нив „жилаво“ опстојуваат и денес. Оттука, тој порачува оти е потребна вистинска стратегија, здрав однос кон јазикот; ако не љубов, барем коректен однос спрема јазичната норма и од институциите и од поединците.

„Многу закоравени навики тешко се отстрануваат. Јазикот во јавната комуникација е огледало на културниот амбиент во една држава. Доволно е да се запрашаат носителите на овие тешки и одговорни функции каков е јазичниот израз на нивните колеги од поразвиените земји, каде што има долга традиција на почитување и примена (!) на јазичната норма, посебно кога станува збор за службена употреба. Оваа проблематика повторно нѐ навраќа на неопходноста од темелно изучување на јазикот уште во училишните клупи: тоа е, се разбира и се подразбира, conditio sine qua non; јас би поставил друго прашање: зошто за многу високообразовани луѓе што стапуваат на работа во елитна институција не се подразбира, како најелементарен признак, како природна а сепак и општествена, службена обврска и потреба да се употребува соодветен јазичен израз?“ завршува Треневски.


Автор: Далибор Стајиќ Објавено на: 28.03.2013