/ Прочитано:

418

ОПМ: Најчесто поставувани прашања и одговори при онлајн купување на храна

Релативно голем процент (56,1%) од испитаниците сметаат дека електронското купување на прехранбени производи не претставува безбеден начин на купување, додека 43,9% од испитаниците сметаат дека електронскиот начин на купување на храна претставува безбеден начин на купување, се вели во истражувањето на Организацијата за заштита на потрошувачите на Македонија.

Резултатите добиени од истражувањето, посочуваат од ОПМ, говорат дека висок процент на испитаници (43,9%) се соочуваат со недостиг на информации за составот на прехранбениот производ кој го купуваат онлајн.

„Исто толку висок процент на испитаници (43,9%) наведуваат дека при овој начин на купување на прехранбени производи се соочуваат и со недостиг на информации кои се однесуваат на рокот на траење на производот. Релативно висок број на испитаници (33,1%) се соочуваат со недостиг на информации кои се однесуваат на присутните алергени во производот, а 30,1% од испитаниците се соочуваат со недостиг на информации во однос на земјата на потекло на прехранбените производи. Нешто понизок процент на испитаници (26,8%) се соочуваат со недостиг на информации за начинот на чување на производот. Интересно е да се подвлече дека значителен број од испитаниците (26%) се соочуваат со недостиг на податоци за нутритивната вредност на производот при онлајн начин на купување, што во значителна мера може да го отежни процесот на избор на соодветен прехранбен производ и да го доведе потрошувачот во заблуда. Од друга страна, недостигот на нутритивни информации може сериозно да се одрази на здравствената состојба на крајниот потрошувач, особено кај пациентите со хронични заболувања, кај кои се препорачува ограничен внес на определени нутриенти, како што се шеќерите, заситените масни киселини, солта и сл. Вредно е да се подвлече дека 36,6% од вкупниот број на испитаници сметаат дека не се соочуваат со недостатоци од ваков тип при електронско купување на прехранбени производи“, се вели во истражувањето на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Во врска со прашањето за безбедноста на храната и онлјан купувањето храна, од страна на Организацијата за заштита на потрошувачите и Агенцијата за храна и ветеринарство подготвен е и прирачник во кој, меѓу другото, се посочуваат најчесто поставуваните прашања и одговори при онлајн купување на храна.

Ова се дел од најчесто поставуваните прашања:

Купив онлајн производ наменет за намалување на телесната тежина, но не знам дали е одобрен за употреба, а информациите на етикетата според мене не се доволни за корисникот на производот. Го платив 2000 денари. Што треба да направам, бидејќи се обидов, но веб-страницата преку која го купив, веќе е недостапна?

Препораката е да се внимава при онлајн купување на производи, бидејќи веќе е констатирано дека најмногу измамнички продажби на вакви производи се случуваат при ваков вид на продажба. Можете да поднесете писмен поднесок, со приложена етикета од производот до АХВ за да се провери дали производот е одобрен и соодветно означен, но во вакви случаи немате можност за поврат или замена на производот.

Дали при онлајн купување на приготвена храна треба да ни бидат достапни информациите за алергени состојки?

Согласно со законските прописи оваа информација треба да биде достапна за потрошувачите, како би можеле да направат избор, бидејќи сè повеќе се зголемува бројот на поединци кои покажуваат алергиски реакции кон одредени состојки во храната.

При онлајн купување на овошје и зеленчук при испорака не ја отворив кутијата во која беа спакувани. Откако ги отпакував, забележав дека се скапани. Дали имам право да ги вратам ?

Секако, веднаш обратете се до продавачот и побарајте да ги вратите скапаните производи, а да ви дадат нови на сметка на трговецот. Во иднина секогаш проверете ги производите при испораката.

Кои се постапките кои треба да се преземат за да не бидете измамени при купување на интернет?

Кога вршите плаќање онлајн, барајте веб-адреси кои започнуваат со „https://“, не само „http“, буквата „S“ (на латиница) означува сигурност. Ова значи дека податоците се дешифрирани додека патуваат помеѓу веб-страницата и вашиот компјутер. Исто така, треба да има икона во форма на зелен катанец на левата или десната страна покрај името на веб-адресата што укажува на тоа дека веб-страницата е безбедна. Исто така, треба да си создадете навика редовно да ги проверувате вашите сметки и извештаи од банка по извршувањето на секоја уплата за да се осигурите дека вистинската сума била депонирана и дека при вршењето на трансакцијата немало никаква измама.

Редовно вршете обновување на софтверот

Вклучувањето на автоматски обновувања на вашиот оперативен систем и софтвер е навистина лесен начин да се осигурите дека ја имате најдобрата достапна заштита така што секое обновување автоматски нуди дополнителна безбедност. Доколку имате стар софтвер, нему ќе му недостасуваат најновите заштити, па затоа вклучете ги автоматските обновувања на сите ваши уреди.

Инсталирајте ги и обновете ги заштитните ѕидови (firewalls), антивирусот и софтверот против шпионирање

Важно е да го имате ова подесување на сите ваши уреди бидејќи заштитните ѕидови спречуваат неовластени лица да го хакираат вашиот компјутер, софтверот против шпионирање го штити вашиот компјутер од вируси и шпионирачки програми да имаат увид во вашите лозинки, кориснички адреси и лични податоци. Без ова, вашите уреди се подложни на огромен ризик да бидат хакирани.