/ Прочитано:

1.431

Општа седница за разгледување на годишните извештаи за работата на судовите во Република Македонија

Врховниот суд на Република Македонија одржа проширена Општа седница за разгледување на извештаите за работата на судовите во Република Македонија за 2016 година.

Минатата година, покажуваат податоците од извештаите за работа, судовите решиле речиси 500.000 предмети. Примени биле 592.245 предмети од кои се решени 472.556, а нерешени останале 119.689 предмети. Во текот на годината биле примени 459.481 предмет, а од 2015 година и од претходно биле пренесени 128.649 нерешени предмети.

На Општата седница на Врховниот суд беше истакнато дека судовите во Македонија во 2016 година работеле ажурно и речиси целосно успеале да го совладаат приливот на новите предмети и го намалиле заостатокот на предмети од претходните години.

На седницата  беше посочено дека судовите во 2016 година успеале да го совладаат целокупниот прилив на новопримени предмети и да го намалат заостатокот кој од 2015 година бил за 13.075 предмети. Најголемо зголемување на заостатокот од 1.369 предмети има најголемиот граѓански суд – Основен суд Скопје 2, потоа следуваат: Основен суд Тетово со 900, Основен суд Куманово со 299, Основен суд Берово со 291, Основен суд Неготино со 266, Основен суд Кичево со 254, Основен суд Виница со 109 и Основен суд Кочани со 58 заостанати предмети.

„Постои тенденција на намалување на заостатокот на нерешени предмети. Вишиот управен суд имал 5.483 предмети од кои решил 4.492, а нерешени останале 991 предмет, со што заостатокот го намалил за 104 предмети. Управниот суд го намалил заостатокот за 904 предмети, апелациските судови за 1.679 премети, а основните судови за 10.388 предмети. Во 2016 година поголемиот број судови го совладале приливот и решавале и заостаток на предмети. Нерешен заостаток на предмети има во осум основни судови кои не успеале да го совладаат приливот и го зголемиле заостатокот на предмети“,  истакна на Општата седница претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Во својот годишен извештај, пак, Врховниот суд во годишниот извештај бара поажурно доставување на списите за предметите и конзистентност со практиката на Стразбур.

Врховниот суд на Република Македонија во 2016 година постапувал по вкупно 4.318 предмети од сите видови во согласност со надлежноста на Судот, се вели во извештајот на Врховниот суд за 2016 година. Останати нерешени предмети од претходната година биле 1.798, а новопримени  биле  2.520  од кои во текот на годината биле решени 2.374 предмети, а останале нерешени 1.944 предмети. Приливот не е совладан за 146 предмети.

„Бројот на нерешените предмети се должи на низа објективни фактори, меѓу  кои и зголемениот број на предметите, особено во областа на организираниот  криминал и тоа сложени, обемни предмети, со голем број осудени лица, кои бараат значителни напори, како и подолг временски период за нивно ефикасно совладување“, велат од Судот.

Врховниот суд во годишниот извештај бара поажурно доставување на списите за предметите и конзистентност со практиката на Стразбур

М.В