/ Прочитано:

2.516

ОПШТЕСТВЕНО-КОРИСНА РАБОТА: Невработени лица ќе бидат ангажирани да даваат социјални услуги за граѓаните

Во следните шест месеци, 466 долгорочно невработени лица ќе бидат ангажирани да даваат социјални услуги за граѓаните во 39 општини, преку програмата „Општествено-корисна работа“, која е дел од владиниот ревидиран оперативен план за вработување за 2017 година.

Најчести услуги што ќе ги даваат овие лица, за што посетувале и соодветни обуки,  се грижа и поддршка на стари лица во домашни услови и поддршка на лица со пречки, а годинава за прв пат се вклучуваат и образовни асистенти или лица што ќе им помагаат на лицата со пречки во образовниот процес.

„Со општествено-корисна работа се постигнуваат две цели, од една страна, се поттикнува вработување на долгорочно невработени лица, а од друга страна, се започнуваат одредени социјални сервиси на локално ниво, кои општините ги идентификувале како потребни за граѓаните“, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа информираше дека за оваа мерка ќе се издвојат повеќе од 20 милиони денари од Буџетот на РМ, а дополнителни средства има обезбедено УНДП. Преку програмата ќе се ангажираат 466 граѓани во 39 селектирани општини, а годинава има нови 4 општини. Ангажираните лица ќе даваат 102 социјални услуги кои ќе се спроведуваат со мерката.

Министерката истакна дека вклучувањето образовни асистенти или лица што им помагаат на лицата со пречки во образовниот процес, услуги што ги користат 140 лица во 18 општини, но и давањето социјални услуги, општините ќе го препознаат како корисно и ќе продолжат да го развиваат и по истекот на спроведување на оваа мерка.

Лујза Винтон од УНДП го дели ставот на министерката дека се постигнуваат две цели со оваа мерка, едната да се вработат долгорочно невработени лица,  а другата да се обезбедат и услуги што се потребни за лицата од маргинализираните групи.

Дополнително, рече Винтон, со мерката се промовира и родова еднаквост, бидејќи од 75 до 80 проценти од лицата ангажирани во оваа мерка се жени, а со социјалните услуги ќе се олесни работата на жените во домот, која, како што рече, во најголем дел паѓа на нивен грб, како што е грижата за домот, децата, старите лица или за лицата со попреченост…

Со мерката e планирано да бидат опфатени, односно потребните социјални услуги да ги добијат околу 8.000 лица во овие 39 општини.