/ Прочитано:

2.209

ОРАТОРИТЕ НА „ЈУСТИНИЈАН ПРВИ“: Силата на говорот му ја даваат зборовите искажани од срцето!

Клубот на оратори – FORUM ORATORES, како единствената сертифицирана оргaнизација, секоја година организира обука за јавно говорење и реторички вештини. Водени од максимата дека „Поетот се раѓа ораторот се создава“, ораторите и оваа година ја реализираат обуката за јавното говорење и реторички вештини, која од викендов  започна да се одржува на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Обуката ќе трае до 22-ти ноември 2015 година.

„Тоа што се говори, треба да се говори од срцето“

„На беседите на Демостен не смее да им се одземе ниту еден збор, а на беседите на Цицерон не смее да им се додаде ниту еден збор“ – Со оваа позната мисла искажана од Квинтилијан, на обуката се нагласи вредноста и контиунитетот на убавиот збор низ историјата и колку јавното говорење и реторичките вештини имаат значење во различните историски периоди, па се до денес, кога оратоството значи спој на правото, филозофијата, јазикот, историјата, уметноста и комуникацијата.

Уметноста на говорењето претставува една од првите појави на цивилизацијата. Да се говори, значи да се има проток на мисла која има свој зачеток и свој крај“, истакнуваат ораторите.

Никола Здравковиќ, долгогодишен член на Клубот на оратори и двократен победник на ораторските вечери на Правниот факултет, вели дека добриот говор е оној говор кој е искажан од срцето.

„Тоа што се говори, треба да се говори од срцето. Кога постои емоција, говорот на ораторите може да покрене огромна енергија, може да покрене сила како тајфун“, нагласува Здравковиќ. Покрај значењето на емоциите, ораторите истакнуваат дека во говорништвото голема игра и како ораторот ќе го оформи својот јавен настап, особено од аспект на надминувањето на тремата.

Актерот Игор Стојчевски, пренесувајќи ги своите искуства од јавните настапи во смисла на презентација на јавен говор на некој настан, помеѓу кои и отворањето на Струшките вечери на поезијата, ги советува студентите да не се разочаруваат и плашат од правење грешки како резултат на тремата, бидејќи тоа не резултира со некои фатални последици и тие грешки не треба да ги обесхрабруваат.„За актерите“, вели Стојчевски, „секогаш е голем предизвик кога тие збаруваат од свое име, а не толкуваат нечиј друг лик, затоа што тоа значи излегување од комфорната зона“.

Претседателката на Клубот на оратори, Жанета Богоеска вели дека токму од тие премиси и пренесување на искуства од повеќе домени и аспекти поврзани со јавното говорење, Клубот на оратори го доближива вистинското ораторството до идните млади говорници. Таа објаснува дека темите кои се разработуваат на овогодинешната обука се основата со која започнува секој оратор и затоа на обуката го потенцирале значењето на историските корени на ораторството.

Говорат професори, уметници, правници, студенти

„Нешто со што започнавме, а е круцијално за ораторирањето е познавањето на корените на ораторството. Кој друг би говорел за историјата на говорништвото, ако не доц. др. Иванка Додовска, предметен професор  на областа Историја на право на Правниот Факултет „Јустинијан Први“. Таа со своето исклучително познавање од областа, преку многубројни интерактивни примери, го долови  она што се вели „Историја на говорништво“. Следно за што се говореше на нашата обука е темата „Костур ,содржина и пишување на говор“. На оваа тема говореше Никола Здравковиќ, долгогодишен член на Клубот на оратори и двократен победник на ораторските вечери на Правниот факултет. На тема „Вербална комуникација, дикција и правилен изговор“ говореа Ана Ризовска, долгогодишен член на Клубот на оратори и Стефанија Темелковска, професор по англиски и германски јазик и минатогодишен победник на ораторските вечери, вели Богоеска.

„Што се однесува до „Невербалната комуникација“честа му припадна на долгогодишниот член на Клубот на оратори и поранешниот претседател на истиот, Борјан Топуковски. За тремата, она за што се вели дека е најголема бариера за потенцијалните оратори, говореа актерот Игор Стојчевски, оперската пејачка Билјана Јосифов и секако Ивона Ѓорѓиева, студент на Институтот за психологија при Филозофскиот факултет. Како и секоја година, полни со ентузијазам, започнуваме со подготовка на нашите кандидати, идни оратори, кои ги очекува седмица исполнета со труд, вежби, а воедно и забава, а сето ова во недела, 22.11.2015, ќе резултира со трансформација во добар оратор“, појаснува претседателката на Клубот на оратори.

За историските корени на ораторството

„За говорничките особини со кои поединци се одликувале над останатите, наоѓаме траги уште во Стариот Завет од Светото писмо. Кај Евреите не само преку пророците туку и воопшто говорништвото било мошне негувано и ценето. Судијата израелски Самуил, основал проповедничка школа за левитите во Рама, во Самарија, каде тие ја изучувале верата на своите прататковци и проповедањето на верата“, вели  професорката д-р Иванка Додовска, која на обуката говореше за историските корени на ораторствотот.

Така говореа Заратустра, Конфучие и Лао Це

Во далечниот исток, во исто време се јавува и знаменитиот иранец Заратустра (Златната ѕвезда), творецот на источната религија парсизам – верата на светлината. Во средината на 6 век пред Христа, се јавува индискиот принц Гаутама Буда, како реформатор на старата браманска и како голем проповедник на новата вера, наречена по него – Будизам.

Во исто време, вели Додовска, со раѓањето на Будизмот, во Кина се појавува современикот на Буда, Конг-Фу-Це или Конфучие – голем кинески учител за моралот и религијата.

Едноставно, само продолжи да одиш напред. Не е важно колку бавно се движиш и колку долго одиш. Најважно е да не застануваш. Ако продолжиш да го следиш вистинскиот пат, конечно ќе стигнеш на саканата дестинација. Најуспешниот човек е оној кој е верен на својата идеја и покрај околностите се движи кон својата цел“, говорел Конфучие.

Лао Це говорел дека „Ништо во универзумот не е трајно, бидејќи сѐ живее само додека не умре“  единствено Тао, бидејќи нема ниту почеток ниту крај, трае засекогаш. Во таа смисла, тој велел:

Животот може да се спореди со еден брз коњ кој галопира со сета брзина — тој се менува постојано и без прекин, во секое делче од секундата. Што треба да правиш? Што не треба да правиш? Тоа всушност не е важно“.

Кај Елините беседништвото се развило до врвна уметност

Историјата на класичното говорништво или на уметноста на беседењето започнува со појавата на оваа уметност во класичниот период на Елините и Римјаните. За време на златниот век на Перикле, појаснува Додовска, кога севкупноста од тогаш познатите науки и уметности се беа издигнале до класичните височини, беседништвото се развило до врвна уметност, која ја правела основната динстинкција помеѓу варварите и цивилизираните во антиката.

„Дури и кај Елините, кај кои е несомнено дека истото било ценето уште во предисторијата. Според Илијадата на Хомер, Елините за време на Тројанската војна вежбале не само воени вештини, туку и говорништво“, истакнува д-р Иванка Додовска.

Во Атина говорништвото претставувало најсигурниот пат за постигнување на општествениот успех на поединецот. Сите значајни атински воени старешини, сите атински државници биле одлични говорници: Солон, Клистен, Темистокле, Кимон, Перикле и многу други.

Според историските извори, Перикле не говорел често, но кога ќе застанел пред народот, освојувал со своето беседење и масите се воодушевувале и биле „маѓепсани од силината на неговите зборови“. Како посебен израз на неговите беседи се надоврзувал и неговиот пријатен изглед, како и мошне одмерените естетски движења и изрази.

Посебни реторски школи

„Култот на говорништвото во периодот на Перикле земал толкав замав во Атина што почнале да се основаат посебни реторски школи во кои се изучувало говорништвото и во кои се собирал кремот на атинската младина“, посочува Додовска.

Говорничката вештина во овие школи имала за цел преку среќниот пресврт и играта на зборови да докажат дека е вистина и за нештото за коешто немало цврста основа. Овие школи биле наречени софистички и еден од првите основачи бил Перикловиот пријател Протагора од Абдера.

„Како најдобар учител за говорништво важел Исократ– творецот на педагошката реторика. Од многуте нарачани говори кои ги напишал најпознат е Панегирик (пофалницата) на Атињаните“, истакнува Додовска, која говорејќи на оваа тема потенцирајќи пред младите оратори го истакна и значењето на Демостен, кој имал ненадмината смисла за пишување, но и значењето на Сократ и Платон, како претставници на морализмот и етиката.

Цицерон – ораторот на чии беседи не треба ништо да се додаде

Во Рим имало говорници и култура на говорење и пред елинското влијание, но под влијание на Атина и нејзиниот златен период, еден од првите познати оратори бил речитиот и лукав патрициј Менение Агрипа. Во историјата на говорништвото, маркантни се имињата и на Сенека, Цезар и Цицерон, како „ораторот на чии беседи не треба ништо да се додаде“.

„Жива реч до божествената моќ“

По римското говорништво, големо е значењето и на христијанското говорништво. Новата религија која потекна од Назарет, ја издигнала „живата реч до божествената моќ“. Оваа реч, истакна Додовска, ја издигнал самиот творец на новата религија Исус Христос кој останува „за сите времиња ненадминат говорник“.

 ПОЕТ СЕ РАЃА, ОРАТОР СЕ СТАНУВА: Познати говори низ светската историја

КЛУБОТ НА ОРАТОРИ: Обука за јавно говорење и реторички вештини

„Говорот на Робеспјер пред француските пратеници е најмашкиот говор на светот“ – ЖАНЕТА БОГОЕСКА, претседателка на Клубот на оратори  ПОЕТ СЕ РАЃА, ОРАТОР СЕ СТАНУВА: Д-р ИВО ПУХАН, брилијантниот професор со ораторство на стар Римјанин М.В / veljanoskim@akademik.mk 15.11.2015