Ораторски вечери на Универзитетот ФОН
На Универзитетот ФОН се одржаа традиционалните ораторски вечери – „Предизвик на говорникот“.
На ораторските вечери учествуваа 13 студенти од повеќе универзитети во Македонија чии говори беа на однапред зададена тема: „Успехот не е конечен, неуспехот не е фатален, храброста да се продолжи е тоа што е важно!“
„Настанот кој е прв од ваков вид кај нас во високото образование, покрај негувањето на ораторските квалитети, вистински го имплементира и концептот на социјална инклузија со својата отвореност и за студенти со развојни тешкотии и телесни инвалидитети, па така меѓу ораторите свои говори имаа и студенти кои секојдневно се соочуваат со овие пречки. Петмина од говорниците беа студенти со развојни тешкотии – Даунов синдром, церебрална парализа, целосно оштетен вид и телесен хендикеп. Сите оратори се натпреваруваа под исти правила и исти услови“, велат од Универзитетот ФОН.
Годинешна победничка е Нина Костовска, студентка на четврта година на Катедрата по македонски јазик и литература. Пошироката јавност ја познава Нина како заштитно лице на УНИЦЕФ во нивната кампања за поддршка на лицата со Даунов синдром. Второто место го освои Горјан Бошевски, магистранд на Правниот факултет. Третото место го освои Ема Анамијевска, студентка на Музичката академија со целосно оштетен вид.
М.В