/ Прочитано:

2.219

ОРАТОРСКО-ПРОЗНИТЕ КНИЖЕВНИ СОСТАВИ НА СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – Проф. д-р Маја Јакимовска -Тошиќ

Автор: Проф. Д-р Маја Јакимовска – Тошиќ, редовен професор во Институт за македонска литература, УКИМ, Скопје.

Реторичната проза од христијанската епоха продуктивно застапена во византиската литература, претставува продолжение на античката традиција. Реторичната проза продуцирана во Средниот век се става во функција на христијанската филозофија, со што придобива нови изразни рефлексии, согласно реторично-композициските норми карактеристични за епохата. Текстовите со својата проповедно – поучна и восхвална содржина исто така исполнувале одредена богослужебна функција. Презентирањето на нивната содржина обично се одвивала на крајот на богослужението, на црковните собори, на верските ритуални манифестирања по молитвениот церемонијал и сл.

Иако создавана врз основа на византиската ораторска традиција, оригиналните словенски творби изразуваат свои развојни насоки, со автентична стилско-изразна профилираност, со чувство за актуелните верски и идејни тенденции, кои на изразит начин го одбележуваат и чувството за словенско самосознание. Во овој книжевен жанр со оригинални состави се пројавиле најистакнатите претставници на словенската книжевна традиција: почнувајќи од првоучителите Кирил и Методиј, преку нивните директни следбеници – Климент Охридски, Константин Презвитер, Црноризец Храбар, Јоан Егзарх, Презвитер Козма, па сé до Ефтимиј Трновски, Димитар Кантакузин, Григориј Цамблак и други. Најистакнато место, меѓу оваа плејада од автори секако дека му припаѓа на св. Климент Охридски, чијшто исклучетелен интерес кон оваа жанровска група состави е потенцирана и од Теофилакт Охридски (Милев, 1966 : 133).

Неговите поучително-похвални состави ги среќаваме дури и во специјализирани авторски зборници, од типот на златоустот. Инаку, сите оригинални ораторско-прозни остварувања ги среќаваме, паралелно со преводните состави, во разновидни мешовити зборници, во панегириците, хомилијарите, патериците и пролозите.

Системот на ораторската проза е претставен со поучителните, похвалните и полемичките книжевни состави, кои во литературната практика се среќаваат главно именувани како слова или беседи.  Најстарите творби од системот на ораторската проза, создавани во IX-X век, се присутни преку преписи во ракописите од подоцнечниот период, а го имаат значењето и улогата на творбите продуцирани во актуелниот период. И покрај тоа што похвалите и поученијата си ја сочувуваат својата жанровска специфика низ сите периоди на појава, во нив сепак се забележува влијанието на стилот на адекватното време. На стилско-изразен план дошло до повидливо истакнување на експресијата, како и на засилената мелодичност на фразата.

Поучното слово како богослужебен ораторски жанр е присутно во проповедната практика. Поучната и морализаторската тенденција на неговата содржина, била причината за рана појава на оригинални поучителни текстови во јужнословенската книжевна традиција. За нивно воведување во словенската книжевна продукција, голема улога имаат составите на св. Климент Охридски, Константин Презвитер и Јоан Егзарх. Во подоцнежниот период (XV век), кон оваа група автори на поучителни состави се приклучуваат Димитар Кантакузин и Григориј Цамблак.

Во групата на поучителните творби се приклучуваат три жанровски подвидови форми: толковна беседа, духовно-поучителна беседа и поучителни слова. Притоа, темата се наложува во зависност од содржината на празникот, или, поточно од поводот за кој се пишува словото. На тој начин се разликуваат: аскетски, катехизисни, догматски, црковно-историски поучни слова (Петканова, 1992 :33).

Климентовите поучителни состави биле извонредно популарни текстови, кои се распространувале во сите словенски литератури и низ сите периоди. За тоа придонесувал нивниот јасен, едноставен израз со стил достапен до обичните верници. Неговото поучително творештво покажува тематско разнообразие, пришто поучителните слова се јавуваат во неколку разновидности: како слова за библиски настани, за христијански таинства, како црковни поученија за даден празник или светител или како поученија за “душеполезно читање”. Климентовите поучителни слова се наменети за воведување на новопокрстените христијани во спецификата и термино-логијата на христијанството. Во нив среќаваме морални поуки, поученија за праведен живот и за отфрлање на гревовите, особено на оние наследени од паганството. Но, повеќето од Климентовите поучителни слова, особено поопширните, не се само со морално-катехизиска содржи-на. Во нив има и празнични места, насочени кон празнување и стремеж за богоспознание (Свети Климент Охридски. 2008 : 32-33).

Целосниот текст на научниот труд во прилог: ОРАТОРСКО-ПРОЗНИТЕ КНИЖЕВНИ СОСТАВИ НА  СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ

8.12.2014 м.в/veljanoskim@akademik.mk