/Прочитано:

843

Организацијата на потрошувачи бара колективна заштита на правата на потрошувачите

Воведување нов инструмент – колективна заштита на правата на потрошувачите, бараат од Организацијата на потрошувачите на Македонија кои спроведуваат активности во рамки на проектот „Преземи акција! Вовед во механизмите за колективна заштита, за подобра заштита на правата на потрошувачите“, презентиран денеска во Агенцијата за електронски комуникации.

Претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија, Маријана Лончар-Велкова, истакна дека колективна заштита на правата на потрошувачите, иако е воведена во нашиот Закон за заштита на потрошувачите без овластени тела кои можат да ја водат колективната заштита, всушност, во нашиот правен систем е неприменлива особено од причина што Законот за парнична постапка не предвидува колективна заштита, односно тужба со која потрошувачите би се заштитиле колективно.

„Кај нас сè уште има недостиг во одредбите во материјалното и во процесното право и не можеме да ја примениме. Таква е ситуацијата и во регионот. Сакаме да почнеме кампања за воведување на колективна заштита на правата на потрошувачите. Со оглед дека во подготовка се новиот Закон за заштита на потрошувачите и новата директива која се однесува на застапување на потрошувачите и која ја менува директивата на судски забрани, таа ќе може да најде место, со што организациите на потрошувачи ќе го добијат своето место при судската заштита“, рече Лончар-Велкова.

Таа посочи дека процесите се долготрајни и скапи и затоа треба да се почне кампања. Сите потрошувачи треба да се вклучат во таа колективна тужба за нивна заштита, особено кога има масовни оштетувања и потребно е судско обесштетување на потрошувачите, а не само казнување на трговецот или операторот.

Активностите на ОПМ се финансирани преку проектот „Развој на колективната заштита на потрошувачите во Југоисточна Европа“, спроведен од Германското друштво за интернационална соработка (GIZ), Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Правна реформа по налог на Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија.

Вероника Ефремова од ГИЗ рече дека се работи за двегодишен проект со поддршка од германската влада, а целта била да се зајакне механизмот за колективна заштита на правата на потрошувачите не само во Република Македонија, туку и во сите земји во регионот.

„Се работи за компатибилни системи каде што, за жал, спроведувањето на овој механизам сè уште не е на завидно ниво како во Европската Унија. За таа цел, ние ги поддржуваме компаративните добри практики на функционирање на овој систем во шест селектирани земји членки од ЕУ: Белгија, Шведска, Велика Британија, Германија, Холандија и Франција, кои ќе ги поддржат земјите од регионот во подобрување на капацитетите на надлежните институции, на организациите за заштита на потрошувачите во спроведувањето на механизмот“, рече Ефремова.

Ефремова потенцира дека вториот сегмент кој е еден од пречките за нефункционирање се недоволното информирање, едукацијата и јавната свест на потрошувачите, на правните субјекти и на сите засегнати страни, а третиот сегмент е законската рамка која има одредени правни пречки кои треба да се усогласат со европското законодавство, за да може овој систем ефикасно да се спроведува во земјите од регионот.

Организацијата на потрошувачите на Македонија промовираше и брошура изработена во рамки на проектот за запознавање на потрошувачите со колективната заштита на нивните права и претстави наоди од изработениот документ за политики во областа.