Осма сесија на Конференцијата на државите потписнички на Конвенцијата на ОН против корупцијата
Министерката за правда, Рената Дескоска, се обрати на Осмата сесија на Конференцијата на државите потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата. Конференцијата се одржува на секои две години, а целта на одржувањето е проверка на напредокот на државите потписнички на Конвенцијата.
Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата е дел од македонскиот правен поредок, а нејзината имплементација е предмет на ревизија.
„Корупцијата претставува закана за демократијата и за владеењето на правото. Општествата со силни, независни и непристрасни механизми за борба против корупцијата се општества со значително подобар квалитет на живот. Прочистувањето на корупцијата во општеството е мошне предизвикувачки процес, но тоа е најзначајниот процес во една држава кој води кон подобро образование, здравство, административни услуги, подобар и поеднаков пристап до правда за нашите граѓани“, истакна Дескоска.
Во своето обраќање, министерката Дескоска ги наведе постигнувањата на Министерството за правда во насока на зајакнување на антикорупциската рамка и имплементација на препораките на Конвенцијата на ООН против корупција, а како најзначајно постигнување го наведе донесувањето на новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
„Како резултат на дискусиите и експертските препораки добиени во рамките на спроведувањето на вториот циклус на преглед на имплементацијата на Конвенцијата, воведена е целосно транспарентна постапка за избор и именување на претседателот и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата, во која учествуваат граѓанскиот сектор, новинарите и медиумите, а утврдени се и зајакнати услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите за претседател и член на оваа комисија“, потенцираше Дескоска.
Со новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер од мај 2019 година се зголемува пристапот до информации, а рокот за добивање одговор е значително скратен.
Како придобивка, министерката Дескоска ја наведе и зголемената транспарентност во трошењето на јавните средства, особено преку објавување на интернет-порталот „Отворени финансии“, со кој јавноста има увид во податоците за реализација на буџетските трансакции.
Министерката истакна дека добрите практики и предизвиците идентификувани од тековниот циклус на преглед на имплементацијата на Конвенцијата ќе се користат за аргументирање и за предлагање на подобри решенија за превенција и борба против корупцијата, но тие ќе послужат и како референца за поддршка во активностите за обезбедување техничка помош.
Дескоска им се заблагодари на Канцеларијата на Обединетите нации против наркотици и криминал и на граѓанскиот сектор за експертската поддршка што ја обезбедуваат во унапредување на имплементацијата на одредбите од Конвенцијата.
М.В