/ Прочитано:

1.777

Основан Македонско-швајцарски бизнис-клуб

Со поддршка на Амбасадата на Швајцарија  и Сојузот на стопански комори на Македонија, официјално е формиран Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб.

На настанот со свои обраќања претседателот на Сојузот, Данела Арсовска, и заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томаџан, го означија почетокот на работата на Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб и дадоа посебен акцент на заложбите, целите и придобивките од неговото формирање.  За претседател на бизнис-клубот избранa е Јасминка Талеска, директор на швајцарската компанија „Новартис“.

Арсовска истакна дека бизнис-клубот се формира како резултат на потенцијалот што постои во нашата земја за зголемување на деловната соработка со Швајцарија, како и поради зголемувањето на бројот на швајцарски компании кои работат тука.

„Постои голем потенцијал за натамошно унапредување на можностите за соработка меѓу компаниите од двете земји. Целта на формирањето е, пред сè, да ја зголемиме соработката. Обединувајќи ги компаниите кои се со швајцарски капитал и компаниите од Сојузот кои имаат интерес за соработка, веруваме дека ќе дејствуваме кон зголемување на трговската размена, која според статистичките податоци минатата година изнесуваше 105 милиони евра, со остварен извоз од 40 милиони евра и увоз од 65 милиони евра“, истакна Арсовска.

Заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томаџан, истакна дека Амбасадата ќе се залага за јакнење на соработката меѓу двете земји, со особен акцент на зголемување на трговската и економска соработка.

„Задоволство е што на денешниот настан се присутни компании од Швајцарија и компании заинтересирани да остварат деловна соработка со Швајцарија, да се здружат и да формираат деловен клуб. Ова е знак дека билатералните економски односи се добри. Убедени сме во потенцијалот за зголемена трговија и инвестиции меѓу нашите две држави. Во таа насока, новиот деловен клуб ќе има корисна улога“, изјави Тoмаџан.

Претседателот на бизнис-клубот, Јасминка Талеска, рече дека од оваа соработка, односно од формирањето на бизнис-клубот ќе произлезе единствено успех.

„Креирањето на Македонско-швајцарскиот бизнис-клуб, покрај тоа што ќе отвори безброј врати и можности за членовите, ќе придонесе и за вмрежување на илјадници компании, за градење и зајакнување на односите, за заемна промоција и многу други придобивки. Како пазар да претставуваме цел за влез и за работа на компаниите од Швајцарија е приоритет, а од тоа ќе имаат корист и двете страни“, изјави Талеска.

Во моментов над 40 компании се со стопроцентен швајцарски капитал или дистрибуираат производи или услуги од Швајцарија на македонскиот пазар.

М.В