/ Прочитано:

862

Основање на Платформата за еколошка правда

Во просториите на Македонската академија на науките и уметностите беше презентирано основањето на Платформата за еколошка правда, како дел од проектот „Воспоставување ефикасна и ефективна еколошка правда“.

Настанот го отвори академик д-р Владо Камбовски, кој преку филозофијата на екоцентризмот ја претстави универзалната вредност и значењето на екологијата, чувањето и унапредувањето на животната средина и забележа дека Платформата и самиот проект имаат цел да го приближат поимот еколошка правда до националните институции и самите граѓани во Република Северна Македонија.

Камбовски ги истакна Глобалните цели на одржливиот развој 2030 година на Обединетите нации како пример за тоа каде треба да го насочиме нашиот фокус во иднина.

Тој забележа дека правото на здрава животна средина, но и обврската за нејзино чување и унапредување се темелни вредности од нашиот Устав, за кои сѐ уште немаме колективна свест доследно да ги спроведуваме.

Минималниот напредок во правната рамка за заштитата на животната средина е забележан од страна на Европската комисија, од каде што се очекуваат понатамошни активности и мерки кои ќе придонесат до конкретно спроведување и реализација на легислативата во пракса. Токму во улога на преиспитување на постојната легислатива и вршење надзор над нејзината примена, академик Камбовски ја истакна важноста од основањето и функционирањето на оваа платформа.

За важноста од заедничка одговорност, соработка и координација зборуваше амбасадорката на Велика Британија во Северна Македонија, Рејчел Галовеј. Во обраќањето беше забележано дека поддршката за заштита и унапредување на ресурсите и природните богатства во Северна Македонија претставува дел од главните заложби на Обединетото Кралство за унапредување на заштитата и зачувувањето на животната средина на глобално ниво.

На присутните им се обрати и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање,  Христина Оџаклиеска. Таа ја истакна поддршката на Министерството во оваа значајна платформа и се осврна на дел од досегашните напори на МЖСПП за постојано унапредување и усогласување на бројните закони кои ја регулираат животната средина во Републиката. Таа најави и новини и измени на осум закони кои се однесуваат на животната средина, како и за креирањето на законски услови за прогласување на дел од територијата на Шар Планина за национален парк.

Оџаклиеска објасни дека МЖСПП постојано работи на донесување на подзаконски акти кои произлегуваат од сите закони, па затоа и секогаш ја поддржуваат и ја охрабруваат стручната поддршка. Воедно, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање истакна дека Владата на РСМ за периодот до 2024 година се обврзала на следење на новата Стратегија и Планот за обновување на економската, социјалната и еколошката компонента на Европската Унија во борбата против климатските промени и загубата на биолошката разновидност, особено преку имплементирање на Зелениот договор и целите за одржлив развој утврдени од страна на Обединетите нации.

Жарко Хаџи-Зафиров од Центарот за правни истражувања и анализи сподели дека токму од воочувањето на проблематичната примена на законите во областа на животната средина се родила идејата за работа во областа на унапредувањето на животната средина преку научно-стручен пристап. Беше истакнато дека една од главните цели на проектот и на самата Платформа е да се овозможи интерсекторски начин на соработка меѓу сите засегнати и заинтересирани, професионални и стручни индивидуи, организации и институции.

Никола Јовановски, менаџер на проектот, ги сподели главните очекувани резултати за наредниот период – основање и работа на оваа заедничка Платформа за еколошка правда, спроведување на анализа на недостатоци и предизвици на институционалната и законската рамка, развивање на алтернативни политики за ефикасен надзор и спроведување на политики и регулативи за животна средина и подготовка на патоказ за еколошка политика за поддршка на креаторите на политиките во планирањето на најдобри национални мерки и активности. Тој ги истакна предлог-членките на Платформата до кои е испратен меморандум за соработка и соопшти дека истата е отворена за дополнително вклучување во нејзината работа.

За повеќе информации за проектот и за Платформата на следниот линк:

https://cpia.mk/vospostavuvanje-efikasna-i-efektivna-ekoloshka-pravda.

Ќе се основа платформа за еколошка правда

Воспоставување ефикасна и ефективна еколошка правда

М.В