/ Прочитано:

1.766

Основата на мирот е правдата

Денеска се одржа јавна дискусија на тема „Помирување и градење на мир – предизвици и решенија“ во организација на Прогрес институтот за социјална демократија и Младинскиот културен центар - Битола. Оваа јавна дискусија е дел од серијата активности во рамки на проектот „Поделено минато – заедничка иднина“, кој има за цел зголемување на капацитетите за градење на мир и помирување.

 

„Поделено минато – заедничка иднина“ е четиригодишен регионален проект кој е финансиран од Европската Унија и кој има за цел премостување на разликите помеѓу различните заедници во земјите од Западен Балкан и Турција.

Во спроведувањето на проектот се вклучени 18 организации од седум земји, заедно со партнерски организации од Словенија, Хрватска и Австрија. Тие заеднички работат на создавање силна одржлива меѓусекторска платформа за соработка во областа на спроведување на политиките за градење мир и помирување преку иновативни механизми.

Главна цел на проектот „Поделено минато – заедничка иднина“ е граѓанските организации да бидат препознаени од владите во регионот како важен општествен фактор со силен капацитет за градење мир и помирување. Партнерски организации од нашата земја вклучени во проектот се: Прогрес институтот за социјална демократија и Младинскиот културен центар – Битола.

На денешната дискусија говореа: проф. д-р Љубомир Данаилов Фрчкоски, пратеникот и универзитетски професор Стево Пендаровски и аналитичарот Алберт Муслиу.

„Основа на мирот е правдата, а за да отпочне и тече процесот на помирување, клучен е моментот на изнаоѓањето  правда или она што се нарекува транзициска правда во постконфликтните општества. Потоа следува обидот да се создаде официјална вистина за конфликтните настани. Може дури и да се создаде паралелна вистина за секоја од страните. Тие две вистини не мора да се совпаѓаат, но поентата за да се изгради мирот е да се прифаќа туѓата вистина и таа да се почитува“, истакна професорот  Фрчкоски на денешниот настан.

Правдата, подвлече пратеникот и професор Стево Пендаровски, е важен момент во процесот на помирување и градење мир и нагласи дека е клучно да се постигне договор за приоритетите и заедничките интереси, врз основа на кои ќе се гради соживотот.

„Соживотот на повеќе етнички заедници во една држава треба да се гради врз основа на заедничка вистина и заеднички интереси. Она што е заедничко за сите граѓани на Република Македонија, што значи и за Македонците и за Албанците и за сите други е желбата за подобар живот, мир и правда. Имено, во нашата земја покрај политичките и етничките промени, треба да има развојни промени кои ќе бидат двигател на подобриот живот. Во многу историски случаи, економскиот напредок и развој доведуваат до премостување на архаични проблеми“, рече аналитичарот Алберт Муслиу.

М.В