Основен суд Скопје 1: Гo разбираме протестот на новинарите
Петок, 31 мај 2013 – По одржувањето на новинарскиот протест за слобода на уапсениот новинар Томислав Кежаровски, се огласи Основен суд Скопје 1. Во соопштението стои дека судот има целосно разбирање за денешниот протест особено поради тоа што во акцијата е уапсен нивни колега.
„По повод денешниот протест на новинарите пред Основниот суд Скопје Скопје и доставената петиција за новинарот Томислав Кежаровски, Основниот суд Скопје IСкопје ја информира јавноста дека судот има целосно разбирање за денешниот протест особено поради фактот што еден од обвинетите во кривичната постапка која се води пред овој суд е новинар. Со оглед дека до судот е доставена петиција за новинарот Томислав Кежаровски, потпишана од голем број на новинари, имајќи целосен респект и разбирање ја информираме јавноста дека судот ќе продолжи да постапува во оваа судска постапка согласно Законот како и во сите досегашни постапки. За текот на оваа кривична постапка јавноста ќе биде благовремено информирана со соопштение од Канцеларијата за односи со јавност во мерка во која нема да се нанесе штета на текот на постапката“, стои во соопштението на Основен суд Скопје 1.
Преку стотина новинари од различни редакции со транспаренти во рака „Слобода за Кежаровски“, „Кој е следниот?“, „Колку чини слободата?“, денеска пред Основен суд Скопје 1, протестираа поради апсењетo и изрекувањето притвор за новинарот на „Нова Македонија“, Томислав Кежаровски. Новинарите побараа одговори од истражниот судија зошто му е изречена мерка притвор на новинарот кој беше уапсен за напишан текст во 2008 година каде објавува идентитет на лажен сведок.
„Дојдовме тука за да протестираме за да биде ослободен Томислав Кежаровски, кој беше уапсен за да го открие изворот на информациите. Дојдовме за да протестираме за бруталноста и силата која постојано се демонстрира врз припадниците на медиумите. Дојдовме тука да побараме и одговори за прашања кои сé уште не се одговорени, за трагичната смрт на нашиот колега Никола Младенов, за тоа институциите молчат, а за текст напишан пред пет години апсат со специјалци“, изјави Тамара Чаушидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија.