Основна функција на полицијата е заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот
Mинистерството за внатрешни работи денеска го одбележува 7 Мај – Денот на македонската полиција. Со одлука на Владата на Република Македонија од 20 април 1993 година, 7 Мај е востановен како Ден на македонската полиција.
Полицијата е дел од Министерството во кој се вршат полициски работи преку полициски службеници. Полициски службеник, се пропишува во Законот за полиција, е овластено службено лице согласно со одредбите од Законот за внатрешни работи, униформиран и неуниформиран припадник на Полицијата со полициски овластувања, кој ги врши полициските работи во согласност со закон.
Полицискиот службеник е должен при вработувањето во Полицијата да потпише изјава со следниов текст:
„Се обврзувам дека во својата работа ќе ги почитувам Уставот, законите на Република Македонија и стандардите на полициската етика, совесно и уредно ќе ги вршам полициските работи и ќе ги почитувам основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори“
Основна функција на Полицијата е заштита и почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори, заштита на правниот поредок, спречување и откривање на казниви дела, преземање мерки за гонење на сторителите на тие дела, како и одржување на јавниот ред и мир во општеството.
Полициски работи се дејствија на полициските службеници што се однесуваат на:
– заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните;
– заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот на Република Македонија, законите и ратификуваните меѓународни договори;
– спречување на вршење кривични дела и прекршоци, откривање и фаќање на нивните сторители и преземање на други со закон определени мерки за гонење на сторителите на тие дела;
– идентификување и потрага по непосредна и посредна имотна корист прибавена со сторено казниво дело,
– одржување на јавниот ред и мир;
– регулирање и контрола на сообраќајот на патиштата;
– контрола на движење и престој на странци;
– гранични проверки и граничен надзор,
– укажување помош и заштита на граѓаните во случај на неопходна потреба;
– обезбедување на определени личности и објекти и
– други работи утврдени со закон.
M.В