/ Прочитано:

1.116

Осомничените во „Тортура“ побарале увид во доказите од предметот на СЈО

„Распитот на шесттемина осомничени во случајот на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ), познат како „Тортура“, кој требаше да се одржи денеска, по барање на осомничените се одложува бидејќи тие побараа дополнително време за увид во предметот, кој не им бил овозможен во Обвинителството, а кој судијата на претходна постапка, во согласност со ЗКП, го дозволува“, велат од Кривичниот суд.

Судница 1 Основен суд Скопје 1

Осомничените во предметот „Тортура“ побарале увид во доказите од предметот што го води Специјалното јавно обвинителство. Поради тоа, денес беше одложен распитот пред судијата на претходна постапка на шесттемина осомничени за кои СЈО побара мерки за претпазливост.

„Распитот на шесттемина осомничени во случајот на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите ( СЈО ), познат како „Тортура“, кој требаше да се одржи денеска, по барање на осомничените се одложува бидејќи тие побараа дополнително време за увид во предметот, кој не им бил овозможен во Обвинителството, а кој судијата на претходна постапка, во согласност со ЗКП, го дозволува“, велат од Кривичниот суд.

Распитот во однос на предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост со решение на судија на претходна постапка, а по согласност на странките во постапката кои биле присутни на денешното сослушување, се презакажува за 14.7.2016 година, велат од Судот.

Денеска во Кривичниот суд во Скопје на распит пред судијата на претходна постапка требаше да бидат сослушани шест лица опфатени во предметот за нечовечното постапување при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски, во кој како првоосомничен се јавува поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, второосомничен е Ивица Анчевски – Пуки, командант на единицата Алфи и уште петмина полициски службеници. СЈО не побара мерки за првоосомничениот.

Против сите лица кои се во работен однос во Министерството за внатрешни работи до Основниот суд Скопје 1 Скопје е поднесен предлог за определување на мерка на претпазливост – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

„Ваквата мерка е предвидена со членот 146 став 1 точка 7 од Законот за кривичната постапка и сметаме дека во овој момент е неопходна како реакција на државата за дејствијата за кои постои основано сомнение дека ги извршиле осомничените“, беше наведено од страна на СЈО при презентирањето на случајот.

Имено, од прибраниот доказен материјал произлегло основано сомнение дека на ден 6.6.2011 година, еден ден по завршувањето на парламентарните избори, првоосомничениот, како службено лице – директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, поради дискриминација врз основа на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени -полициските службеници во единицата Алфи, во вршењето на службата при лишување од слобода на осомничено лице – оштетениот Љубе Бошковски, да му предизвикаат душевно страдање, стои во соопштението на СЈО за предметот „Тортура“.

Петтемина полициски службеници, со наредба на командантот на Алфите, според извештајот на СЈО, при апсењето на Бошковски употребиле прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го и држејќи го за рацете.

Со ваквото постапување, според СЈО, осомничените му нанеле душевно страдање на Бошковски, директно му било понижено човековото достоинство и личноста и го дискриминирале врз политичка основа, што се докажува и од вештачењето за неговата психофизичка состојба во тој момент.

М. С.