/ Прочитано:

1.042

Оставка на претседателот на Владата повлекува оставка на Владата, се пропишува во Уставот

Претседателот на Владата, Зоран Заев,  поднесе оставка од функцијата. Прашањето за оставката на претседател на Влада и оставка на Влада е регулирано во Уставот. Во член 93 од Уставот се пропишува:

Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието.

Владата има право да поднесе оставка.

Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата.

На Владата ѝ престанува мандатот кога Собранието се распушта.

Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова Влада.

Во Деловникот на Сoбранието во врска со оставка на Владата, се пропишува:

Член 219

(1) Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка.

(2) Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи.

(3) Оставката на член на Владата до претседателот на Собранието се поднесува преку претседателот на Владата.

(4) Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката.

(5) Оставката на член на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците.

Член 220
Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.

М.В