Остварувањето на правото на сопственост нотирано и во Извештајот на ЕК
Северна Македонија, се вели во новиот Извештај на Европската комисија, не направи значителни подобрувања во постапките за остварување на правото на сопственост.
Скапи постапки и отсуство на стратегија
Постапките и понатаму се долги и скапи за граѓаните поради недостиг на централна институција и недостиг на координација меѓу институциите што се занимаваат со овие права.
„И покрај најавите, администрацијата сè уште нема развиено национална стратегија за правата на сопственост. Имотните регистри не се ажурираат редовно и сè уште се чуваат во аналогна форма, особено на општинско ниво“, се истакнува во Извештајот.
Агенцијата за катастар одржува задоволувачка стапка од над 90 % решени предмети. Регистрацијата на земјиште и имот е завршена, а ласерско скенирање е спроведено во целата земја.
„Администрациите што управуваат со процесите за враќање, надомест и легализација и понатаму имаат тешкотии во справувањето со огромниот број предмети, главно поради недоволно кадар и средства. Над 6.000 предмети за денационализација сè уште се отворени и претставуваат најголем дел од поплаките упатени до Канцеларијата на Народниот правобранител, иако овој процес беше официјално прогласен за затворен во 2013 година“, се посочува во Извештајот.
Што констатира Народниот правобранител во годишниот извештај?
Во 2021 година, констатира Народниот правобранител, најмногу претставки од областа имотно-правни односи беа од денационализација, процес кој веќе трае преку дваесет години.
Во областа имотно-правни односи, во текот на 2021 година се поднесени вкупно 150 претставки, кои во најголем дел се однесуваа на заштита на права на граѓаните-странки во постапките за денационализација. Во споредба со 2020 година кога беа поднесени 134 претставки, ова претставува благ пораст на вкупниот број поднесени претставки.
„Процесот на приватизација на градежно земјиште во државна сопственост се одвиваше многу отежнато и за ретко кој граѓанин беше донесена позитивна одлука. И понатаму, продолжува состојбата со кадровско неекипирање на одредени одделенија на Управата за имотноправни работи при Министерството за финансии.
И во текот на 2021 година, комисиите за денационализација продолжија со праксата да не преземаат дејства за извршување на пресудите на Управниот суд или Вишиот управен суд, односно да донесат нов акт согласно изнесеното правно сфаќање дадени укажувања по пресудите“, се вели, меѓу другото, во Извештајот на Народниот правобранител, кој препорачува во оваа насока Агенцијата за катастар на недвижности да преземе дејствија за брзо, ефикасно и целосно постапување по донесените судски одлуки на Управниот суд и Вишиот управен суд.
Правната заштита на сопственоста е темелна вредност
Инаку, правото на сопственост и правото на наследување се гарантирани во Уставот на Република Северна Македонија. Во Уставот, исто така, правната заштита на сопственоста е темелна вредност на уставниот поредок.
Сопственоста, се пропишува понатаму во Уставот, создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата.
Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Правото на сопственост посебно се уредува со Законот за сопственост и другите стварни права во согласност со Уставот. И во овој Закон се гарантира правната заштита на сопственоста.
Заштитата на правото на сопственост, главно, се врши со тужби, но и на други начини, како на пример со запишување на правата на недвижности во соодветни јавни регистри. Првиот чекор кон заштита на правото на сопственост е токму запишувањето на сопственоста во соодветните институции.