/ Прочитано:

1.556

„Отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма“ – Месечен извештај за човековите права

Во текот на месец октомври до Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија се обратиле неколку работници поради повреда на нивните работнички права, се нотира во Месечниот извештај за човековите права кој го подготвува Комитетот.

Правниот тим на Комитетот им дал општи правни совети на работниците во однос на:

  • можноста за поднесување жалба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур во случаи кога се искористени сите домашни правни лекови во споровите за работни односи;
  • во однос на условите за стекнување и начинот на користење на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок на невработените лица на кои им престанал работниот однос по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, во согласност со Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, од 2017 година и
  • во однос на остварување на правата кај работодавачот и отстранување на дејствијата со кои се кршат работничките права, во согласност со членот 181 од Законот за работните односи.

Во октомври 2018 година, работодавач усно му го откажал договорот за вработување на вработен во неговото претпријатие, искористувајќи ја неговата неинформираност во однос на условите за давање отказ. Хелсиншкиот комитет му ја посочи на работникот одредбата од членот 74 од Законот за работните односи, која предвидува дека отказот на договорот за вработување задолжително се изрекува во писмена форма. Со цел заштита на правата на работникот, правниот тим на Комитетот го извести Државниот инспекторат за труд за сторената повреда.

Тројца работници побараа бесплатна правна помош поради психичко вознемирување на работното место – мобинг. Нашиот правен тим даде иницијален правен совет за покренување судски работен спор и за правилата кои ја регулираат постапката. Во тек е и еден судски процес пред Апелациониот суд Скопје за утврдување психичко вознемирување на работното место. Хелсиншкиот комитет го следи овој случај и реагираше поради тоа што второстепениот суд ја повредил законската обврска за одлучување во рок од 30 дена од приемот на жалбата.

Препорака: Постапката во споровите од работните односи е заснована врз начелата на приоритет и итност и иако судот има законска обврска, во согласност со членот 405 од Законот за работните односи, да обрне посебно внимание на потребата од нивно итно решавање, праксата покажува дека работните спорови траат премногу долго. Хелсиншкиот комитет апелира обврската за одлучување на првостепениот суд во рок од шест месеци, а на второстепениот суд во рок од триесет дена во работните спорови да биде правило наместо исклучок. Истовремено, имајќи предвид дека мобингот е честа појава со сериозни последици, а досега има само една пресуда во Република Македонија со која се утврдува мобинг, Хелсиншкиот комитет посочува дека недостигот на судска пракса во оваа област доведува до обесхрабрување на работниците да пријават психичко вознемирување на работното место.

М.В