/ Прочитано:

1.298

Оцена на обвинителен акт за соработници и логистичари на вооружената група од Дива Населба

Осомничените беа уапсени во акцијата „Молња“, која беше спроведена во октомври минатата година од страна на Министерството за внатрешни работи, под сомнение дека ѝ давале логистичка поддршка на таканаречената „кумановска група“.

Судење Дива Населба, надвор

Девет лица кои се осомничени за логистичка поддршка на групата осомничена за случувањата во полициската станица во Гошинце и за вооружениот напад во кумановската Дива Населба денеска ќе бидат изведени пред Кривичниот суд на јавна седница за оцена на обвинителниот акт.

Осомничените беа уапсени во акцијата „Молња“, која беше спроведена во октомври минатата година од страна на Министерството за внатрешни работи, под сомнение дека ѝ давале логистичка поддршка на таканаречената „кумановска група“.

Како што тогаш информираше МВР, осомничените не биле директни учесници во случувањата во полициската станица во Гошинце и во кумановските напади во Дива Населба, туку само остварувале телефонски и директни контакти со групата и ѝ давале логистичка поддршка.

„Целта на групата била да ја дефокусира полицијата и да ја намали нејзината борбена моќ при справувањето со вооружената група во Дива Населба. Лицата помагале при извршување на нападот на полициската станица во Гошинце и при прикривањето на украденото оружје, како и при транспортот и сместувањето на криминално-терористичката група во Дива Населба“, информираше тогаш МВР.

Осомничените се од кумановското село Отња и од Брест, Арачиново и Матејче, Скопско.

При претресите што ги изврши полицијата во селата од каде што потекнуваат членовите на групата, пронајдени беа: карти на Голема Албанија, униформи на УЧК, оружје и муниција, детектори за метал, мапи и ВХС-касети, лисици за врзување, пари, фотографии со припадници на УЧК, оптички нишан и други предмети.

Во меѓувреме, судењето за случајот „Дива Населба“ продолжува в четврток со сослушување на заштитени сведоци.