/ Прочитано:

854

Отворање на понудите за набавка на 100 возила во МВР

Среда, 5 јуни 2013 – Денеска во Министерството за внатрешни работи ќе се отвораат понудите пристигнати по јавен тендер, објавен на 25 април за прибирање понуди за набавка на нови сто моторни возила во полициска извидба. 

По отворањето на пристигнатите понуди, информираат од МВР, ќе следи период на нивна евалуација по што сите оние што ќе ги исполнат бараните тендерски услови ќе бидат дополнително известени за терминот за електронската аукција.

МВР претходно информираше дека единствен услов е цената на која отпаѓаат сите бодови, односно јавната набавка ќе му припадне на оној понудувач кој што ќе конкурира со најниска цена на електронската аукција што ќе биде дополнително закажана.

Право да учествуваат на електронското наддавање ќе имаат сите понудувачи кои ги исполнуваат претходно предвидените услови за учество на тендерот.

Плаќањето е предвидено да биде на 36 месечени рати во текот на важноста на договорот, при услови со 0 проценти учество при купување на возилата. Првата рата на исплата на возилата ќе биде во рок од 30 дена од целосната испорака на возилата. Се бара рокот на испорака да биде не подолг од 90 дена од склучување на договорот, со место на испорака во Скопје во објект на МВР.

Од понудувачите се бара минимум гарантен период на возилата: на мотор и подвозје минимум 36 месеци или 100.000 км, на надворешен лак три години и на каросеријата од корозија 12 години. Предвидено е да понудат и 10 часовна обука на технички кадар на МВР за ситни поправки и периодично одржување и каталог на резервни делови на возилата.

Исто така, се предвидуваат и посебни услови за вградување резервни делови кои не се предмет на гаранција во текот на гарантниот период (случаи кои не се опфатени со гарантните услови и условите за сервисирање за 36 месеци)- максимум 15 отсто маржа на набавната цена на деловите. Попуст од 30 отсто на редовната цена на норма час.

Понудувачите понатаму се обврзани и на три години бесплатна „шлеп“ служба во случај на дефект на возилата, на територијата на Република Македонија, како и бесплатна техничка проверка на исправноста на возилата на секои шест месеци, во овластен сервис/сервиси на економскиот оператор.

Трошоците за одржување за сервисирање и потрошен материјал (замена на масло и филтер за масло на секои 10.000 км, замена на филтер за воздух, филтер за гориво и други потребни филтри согласно упаствата од производителот, четири зимски/летни (во зависност од тоа со какви пневматици ќе биде испорачано возилото) пневматици индекс N, едно дополнување на клима уредот со средство за ладење,) за времетраење на договорот (36 месеци), исто така, се на товар на економските оператори – понудувачи.