/ Прочитано:

2.132

Отворените образовни ресурси се алатка за дополнителни знаења и информации во образовниот процес

Отворените образовни ресурси не треба да се изедначуваат со онлајн учење, иако многу од  онлајн курсевите користат вакви ресурси. Според нив, придобивката од користењето на ООР е тоа што нема финансиски трошоци, а содржините можат да се споделуваат без при тоа да се бара дозвола бидејќи и онака се бесплатни. Учењето станува многу полесно, се заштедува време и затоа на ООР може да се гледа како на алатка за стекнување знаења и за подигнување на квалитетот на образованието. На овој начин се зголемува и мотивацијата и интересот на учениците. Блоговите можат да претставуваат виртуелни училници, а постојат и многу други аудиовизуелни материјали кои се од голема помош и за наставниците и за учениците. Во оваа насока, според „Метаморфозис“, постојат реални можности за законска имплементација на отворените образовни ресурси. Законски дефинираниот отворен пристап до учебници треба да стане сегмент во плановите, програмите и во концептите што ги создава Бирото за развој на образованието во рамки на учебниците и на другите образовни средства.

Онлајн учење

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, по сеопфатно истражување на законската регулатива во Македонија која ја уредува областа од образовната сфера, констатираше дека во ниту еден од постојните закони (Законот за основното образование, Законот за средното образование и Законот за високото образование, како и Законот за учебници за основно и средно образование и Законот за авторското право и за сродни права) не е регулирано создавањето, користењето и споделувањето на отворените образовни ресурси.

Од „Метаморфозис“ велат дека отворените образовни ресурси не се само „отворени учебници“, напротив, како што велат, тие претставуваат извор на различни видови едукативни содржини.

„ООР се многу повеќе од учебник и можат да претставуваат видеозапис или аудиозапис, презентација достапна на интернет, курсеви за одредени теми итн. Сето тоа е од огромна корист и за учениците во основните училишта и за средношколците, а се разбира, голема придобивка имаат и студентите. Нашите наоди укажуваат дека сегашниот образовен систем не го приспособува образованието во функција на подготовка на учениците за идни граѓани во информатичко-технолошкото писмено општество“, потенцираат од Фондацијата.

Учениците во основните и во средните училишта велат дека отворените образовни ресурси не треба да се изедначуваат со онлајн учење, иако многу од  онлајн курсевите користат вакви ресурси. Според нив, придобивката од користењето на ООР е тоа што нема финансиски трошоци, а содржините можат да се споделуваат без при тоа да се бара дозвола бидејќи и онака се бесплатни.

„Учењето станува многу полесно, се заштедува време и затоа на ООР може да се гледа како на алатка за стекнување знаења и за подигнување на квалитетот на образованието. На овој начин се зголемува и мотивацијата и интересот на учениците. Блоговите можат да претставуваат виртуелни училници, а постојат и многу други аудиовизуелни материјали кои се од голема помош и за наставниците и за нас учениците. ООР ги користиме за да добиеме дополнителни информации, нешто што го нема во учебниците. Тие се корисни за проектните задачи кои ги имаме, а од голема важност се и за подготовка за натпревари по разни предмети“, велат дел од средношколците во скопските гимназии.

Онлајн учење 1

Во оваа насока, според „Метаморфозис“, постојат реални можности за законска имплементација на отворените образовни ресурси.

„Законски дефинираниот отворен пристап до учебници треба да стане сегмент во плановите, програмите и во концептите што ги создава Бирото за развој на образованието во рамки на учебниците и на другите образовни средства. Сметаме дека треба да се направи концепциско редефинирање на интернет-страницата „е-учебници“, секако во соработка со авторите“, објаснуваат оттаму.

Во документот за јавни политики „Метаморфозис“ наведува низа препораки со кои отворените образовни ресурси можат да бидат вградени во законската регулатива која го опфаќа образованието.

„Авторите имаат клучна позиција во образованието. Креативната моќ на учебникарството е одредена од авторите, а со оглед на значењето на учебниците за образованието, токму авторите ја имаат главната улога. Треба да се нагласи дека интересот на авторот не е ограничен само на корисници во смисла на ученици, туку важен дел од корисниците се и родителите, а и колегите на авторот и, секако, наставниот кадар во образованието. На вакво принципиелно ниво нема сериозна причина што би упатила на тоа дека авторите на учебниците би имале каков и да е спротивен интерес. Отворениот пристап е идеален однос меѓу авторот и корисниците на авторскиот труд, а може комплетно да се реализира преку порталот „е-учебници“, се наведува во документот за јавни политики што го подготви „Метаморфозис“.

Токму затоа е неопходно законско и програмско редефинирање на образованието, во кое активно ќе  учествуваат државни, стопански, професионални и граѓански организации, бидејќи само така отворениот пристап ќе стане „состојба на заедничка свест“. Препораките на „Метаморфозис“ се однесуваат на измени во Законот за авторско право и сродни права. Во овој дел, како што велат, треба да се вгради норма за авторство во контекст на јавен интерес. Од особена важност е законски да се уреди правото на отворен пристап до таквите дела, особено кога станува збор за образовни средства. Воведувањето на отворениот пристап, како еден од основните принципи во учебникарството, бара создавање јасно дефинирана и прецизно координирана политика во чиј фокус ќе бидат авторите и нивните права, а при создавањето на ваквата политика главната улога треба да ја има Министерството за образование и наука.

А.Б.