/ Прочитано:

1.281

Отворено писмо на граѓанските организации до премиерот и до претседателот во врска со заштитата на животната средина

„Почитуван претседател на Република Северна Македонија,  Стево Пендаровски,

почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија,  Зоран Заев,

Согласно вашите законски надлежности како претседател и врховен командант на вооружените сили, и како претседател на Владата на Република Северна Македонија, бараме да активирате припадници на Армијата и полицијата со цел да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно член 43 од Уставот, и да се одржи јавниот ред и мир во општеството, согласно член 3, член 5 и член 14 од Законот за полиција.

Имено, секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на Армијата и полицијата, во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, регионалните центри за управување со кризи, општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторатот на Град Скопје и инспекторатите на општините, активно да се вклучат во следните активности:

  • Да се организираат секојдневни патроли на припадници на Армијата и полицијата на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè палење на отпад и диви депонии;
  • Да се организираат ноќни дежурства на припадници на Армијата и полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за заштита и спасување на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено;
  • Да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект;
  • Да се организираат редовни патроли на припадници на Армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар.

Сметаме дека Армијата и полицијата можат и мораат активно да се вклучат во заштита на своите граѓани, нивното здравје и живот, на животната средина и со своето присуство на терен да дејствуваат согласно законските ингеренции со цел да се спречат вакви појави“, се вели во писмото на граѓанските организации.