/ Прочитано:

1.425

Oтворенo – затворени судења

За некого судењата во Македонија сосема отворени за јавноста, за други пак добро познатата реченица „судењата во Македонија се јавни“ е многу поширока од тоа дека би го примила секој случаен минувач да присуствува на судење. Се случувало за судски процес за кој има голем интерес да биде обезбедена мала судница, велат новинарите, иако според Законот за кривична постапка и  Судскиот деловник доколку дојде до ова, судската управа е должна да обезбеди соодветна просторија. Се поставува и прашањето, зошто во вакви случаи, кога интересот на јвноста е голем, не се впрегнат техничките капацитети, па да погледнеме и некоја снимка од текот на ова „големо“ судење  или уште подобро да го следиме хрватскиот пример, па истото да го пренесуваме барем делумно во живо.

Адекватна судница, соодветни услови и новинар

Во Судскиот деловник стои:

  • За судењата за кои постои поголемо интересирање на јавноста судската управа ќе обезбеди просторија која ќе може да прими поголем број лица.
  • Новинарите – известувачи можат да  присуствуваат на јавните расправи во парничната постапка и на главните претреси во кривичната постапка без обврска претходно да прибават одобрение од судот. Судот е должен да обезбеди услови за нивно присуство и работа. Одобрението за медиумско следење на судењето подразбира и обезбедување на адекватна судница.

Новинарите, сепак незадоволни од третманот кој го добиваат од судовите. Според новинарката Марија Севриева, која години наназад следи судски процеси, судењата се отворени за јавноста во теорија, но во пракса тоа не е секогаш така.

  • Досега сме се соочиле со судии кои не дозволувале присуство на новинар кој нема одобрение од Врховен суд иако тоа се однесува само за фотографирање и правење инсерти (првото рочиште за случајот „Кампања“ во кој обвинет беше Љубе Бошкоски). Потоа, во текот на процесот се случуваше да бидат обезбедувани премногу мали судници кои не можат да ги примат сите новинари заинтересирани да го проследат судењето“.

Нејзиниот колега Александар Манасиев смета дека не постои универзален третман на новинарите кои следат судски процеси во Македонија.  Според него, истиот некаде е задоволителен, некаде е деградирачки, а некаде воопшто и не постои.

  • Како новинар кој работи во Скопје можам да кажам дека за 10 години незначително се промени тој однос во главниот град каде се и најголемите судови во земјава. Третманот се менуваше како што се менуваа претседателите на судовите. За жал како новинар, се уште се чувствувам недобредојдено на судските процеси.

Како и Севриева и тој се жали на условите во судница.

  • Понижувачки е и односот внатре во судницата. Се случува поради недостиг на простор, поради немање на столици или од други причини голем број на новинари стоечки да го следат судењето кое може да трае со часови. Новинарите неретко не се одвоени од роднините на обвинетите кои им дофрлаат или упатуваат неумесни коментари.

Манасиев, сепак признава дека е за пофалба формирањето на Канцелариите за односи на јавност, но како што вели, за да се подобри односот потребно е и менување на психологијата кај вработените, пред се кај судиите.

  • Тие треба да ги прифатат новинарите како општествена потреба за поголема отвореност и јавност на судовите, а не да ги третираат како нужно зло.

Додава дека и новинарите истовремено треба да се однесуваат коректно, како надвор така и внатре во судската сала, да го почитуваат судот и специфичните „правила на игра“. Според него некоректниот однос на еден новинар може да ја смени сликата за целокупната фела, па да се воведе уште построг третман кон новинарите. 

Кој се плаши од камера?

Праксата на  Хашкиот трибунал да ги пренесува судењата во живо со доцнење, веќе делумно почна да станува пракса и на некои судови во регионот. (пр: Жупанискиот суд во Загреб.)

>> Погледнете како судијата Иван Турудиќ кој му суди на поранешниот хрватскиот премиер, Иво Санадер и „позира на камерата.

Вака почна историското судење против Санадер во врска со аферите „Хипо банка“ и „ИНА МОЛ“. Хрватите навремено сфатија дека ова судење ќе предизвика големо внимание кај домашната, но и светската јавност и решија да пренесуваат дел од од судскиот процес во живо. Е сега, ние се уште не сме го добиле „македонскиот Санадер, но далеку од тоа дека не сме имале судења кои предизвикале големо внимание кај поширокиот аудиториум.

Новинарите скептици на оваа тема.

  • Мислам дека сме многу далеку од праксата на дозволено снимање на цел судски процес, особено познавајќи ги судиите и обвинителите кои се уште забрануваат да бидат фотографирани и снимани, а не пак да биде изнесувана содржина од судницата и процесот“, вели Севриева.

Запрашани дали во догледно време можеби ќе видиме некоја снимка од текот на некое судење за кое има голем интерес (а не само оние бледи снимки кои медиумите ги прават во првите две минути), или пак ќе пренесуваме барем еден дел од истото во живо, од судовите низ Македонија со различни  ставови.

  • Сметаме дека  Република Македонија не е спремна да одговори на предизвикот на пренесување на судење во живо, велат од Кумановскиот основен суд.

Од најголемиот Кривичен суд во земјава – Основниот суд Скопје 1, (што пак ќе добие нова зграда, нови модерни судници, паралелно на тоа и поголеми технички можности)  од Канцеларијата за односи со јавност децидни, според нив тоа нема да се случи во догледно време бидејќи не било уредено ниту со стариот, ниту пак со новиот Закон за кривичната постапка, кој се уште  чека зелено светло за негова примена.

Со ваков став и скопскиот адвокат Илија Неделковски.

  • „Тоа нема да се случи уште долго време. Законите во Хрватска и Македонија се секако различни така да споредбата нема основа. Кај нас теба да се случат измени на клучните закони кои се носат со 2/3 мнозинство, а најава за тоа никогаш немало и нема ни да има затоа што во новиот Закон за кривична постапка истото не е предвидено“, вели Неделковски.

Но, доколку се споредат македонскиот и хрватскиот ЗКП, односно членовите кои се однесуваат на снимање во судница, може да се забележи дека ова со хрватскиот ЗКП е уредено во иста мера колку што е и со македонскиот.

Македонски ЗКП, член 289, став 3 

(3) Во судницата не можат да се вршат филмски и телевизиски снимања. По исклучок, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија може да одобри такво снимање на одделен главен претрес. Ако снимањето е одобрено, советот на главниот претрес може од оправдани причини да одлучи одделни делови на главниот претрес да не се снимаат.

Хрватски ЗКП, член 395, став 3 

Во судница, освен за потребите на судот не може да се врши фотографски, филмски, телевизиски и други снимања со технички уреди. По исклучок, претседателот на Вишиот суд може да одобри филмско или телевизиско снимање, а претседателот на судот фотографско снимање.

Како ова се одвива во пракса во Хрватска, откако е добиена дозволата од Вишиот суд, за Академик објаснува портпаролот на Жупанискиот суд во Загреб, судијата Крешимир Девчиќ.

  • Во пракса сé се договара со медиумите, односно јас како портпарол разговарам со претседателот на судот и претседателот на судскиот совет со цел да ги ускладиме можностите (правни, просторни, технички…) и желбите на сите учесници во постапката. Обично тоа се сведува на фотографско и видео снимање во првите неколку минути додека странките влегуваат во судница, а подоцна трајно се одобруваат 2 или 3 камери. Може да биде присутен и фотограф кој може дискретно да фотографира. Читањето на обинението оди во директен пренос, додека подоцнешниот тек на постапката се снима, но не иде во живо (да не можат сведоците кои не се испитани да следат што кажуваат другите сведоци). Медиумите можат да користат само делови од снимките за своите потреби. На нашиот суд имаме и интерна телевизија и постои техничка можност медиумите да се приклучат и така да ја добијат снимката.

Автор: Елена Павловска Oбјавено: 03.08.2012