/ Прочитано:

1.116

ПАД НА БРОЈОТ НА ПРЕДМЕТИ, НО ЗГОЛЕМЕНА РЕАЛИЗАЦИЈА: Извршителите лани наплатиле повеќе од 127 милиони евра

Пад на бројот на примени барања за извршување во однос на 2012 година, но зголемена реализација на побарувањата бележат извршителите во 2013 година. Деведесет и осум извршители, распоредени на подрачјата на основните судови во Македонија, минатата година наплатиле 127.780.882 милиони евра, најмногу во нивното осумгодишно постоење. Резултатите од своето работење, Комората на извршители на Република Македонија (КИРМ) ги презентираше на годишната средба со новинарите која викендов се одржа во Струмица. Покрај ова, тие се осврнаа и на новиот Закон за извршување, кој сѐ уште се наоѓа во владина процедура, а ги истакнаа и проблемите и предизвиците со кои се соочува извршителската професија во Македонија.  „Во 2013 година, бројот на вкупно примени барање за извршување во 98 извршителски канцеларии изнесува 141.115, односно, примени се помал број на предмети од минатата 2012 година. Процентот, пак, на реализација и изнесува 33,96% што претставува зголемување во однос на 2012 година кога процентот изнесуваше 25,74%. Вкупниот износ од наплатени средста од извршување во 2013 година изнесува 127.780.882 милиони евра“, се наведува во годишниот извештај за работата на КИРМ во 2013 година, кој го презентираше претседателот на КИРМ Гордан Станковиќ. Најчести должници, дури 25.349 се физички лица и тоа во делот на неплатени сметки за струја, греење, вода и телекомуникациски услуги, како и во однос на банките. Има и правни лица должници, но тие се многу помалку, односно 9.399. Државата се јавува како должник 4.471 пат. Што се однесува на структурата на примени предмети според вредност на побарувања, најбројни – 98.928 се оние во вредност од 100, 01 до 11.000 евра. До 100 евра примени се 72.298 предмети, додека од 11.000 до 200.000 евра – 2.994 предмети. Извршителите од скопското подрачје примиле најголем број барања – 63.691, при што наплатиле 57.928.618 евра, реализацијата на побарувања е 33,6%. Најмалку предмети – 5.741 имале извршителите од подрачјето на Основниот суд во Прилеп и Крушево, но тие имале најголем процент на реализација од 51,66 отсто, при што наплатиле 2.794.584 евра. Најслаба реализација, односно 23,94% имале извршителите од Гостивар и Кичево, кои примиле 5.806 барања и наплатиле 3.545.274 евра. Сепак, споредбено со другите години, кога вкупниот процент на реализација наместа е и над 40 отсто, во 2012 и 2013 година се забележува трендот на опаѓање на ефикасноста, односно пад на наплатата на побарувањата на доверителите. „Мислиме дека ваквата ефикасност ќе продолжи да се намалува предизвикано од повеќе различни проблеми“, истакна Станковиќ изразувајќи надеж дека ваквата состојба ќе се надмине со новиот Закон за извршување кој веќе е подготвен, но сѐ уште не се нашол пред пратениците бидејќи чека „зелено светло“ од владината Законодавно правна комисија. Една од новините предвидена со законот, кој подробно беше образложен од претседателот на КИРМ, е проширување на надлежноста на извршителите со воведување на вонсудска наплата на долгови врз основа на веродостојна исправа. Станковиќ посочува дека оваа новина е прифатлива за извршителите и е во склад со практиката на многу европски земји. Новиот закон меѓу другото предвидува драконски казни за одговорните лица во фирмите и за правните лица кои ќе одбијат да дадат податоци за свои вработени должници. Таа за одговорните лица ќе изнесува од 20.000 до 80.000 денари, а за правното лице од 100.000 денари до 30 милиони денари. Осврнувајќи се на проблемот со блокирањето на сметките на граѓаните, Станковиќ го вперува прстот во банките, кои наместо блокираат определената сума од примањата кои се побаруват, тие ја блокираат целата сметка. Досегашното законско решение со кое на државните органи, општините и јавните претпријатија не може да им се блокираат сметките и имотите, според него, ги става во нерамноправна положба со останатите субјекти. Станковиќ во својата презентација наведе пример каде помали општини и јавни претпријатија должат десетици милиони евра, но доверителите со години не можат да си ги наплатат побарувањата. „Извршувањето врз сметка на овие државни органи,општини и така натаму се одвива освен во делот на сметката кој се однесува на платите и придонесите на вработените. Повторно едно некозистентно решение, затоа што ако вработените во Република Македонија во државните органи имаат право на ваква заштита зошти би го немале тоа право вработените во било која друга фирма“, наведе тој.

„Извршителите многу повеќе се казнувани од судиите и нотарите“

Извршителите се пожалија дека споредбено со другите професии, како судии и нотари, тие трипати повеќе се казнувани. Тврдат дека многу повеќе од другите професии се изложени на силни притисоци и контроли од Министерството за правда и од судовите. Педесет и четири извршители одговориле на анкетата, односно прашањето: „Колку кривични пријави сте добиле во текот на работењето нкако извршител, претставено по години?“. Според одговорите, во 2013 година биле поднесени 19 кривични пријави против извршители, што е за четири повеќе во однос на 2012 година. Сепак, 2005 година, имало најмногу кривични, односно 25. Вкупниот број на кривични пријави против извршители, од 2006 до крајот на 2013 година изнесува 106, кои во најголем број се отфрлени како неосновани. Што се однесува на приговорите, минатата година странките поднеле 261 приговор за работата на извршителите, од нив, 17 странки поднеле тужба против решението на претседателот на КИРМ за неподнесување на предлог за дисциплинска постапка врз основа на приговор. „Нотари има повеќе, а помалку приговори има против нив“, рече претседателот на Комората. Интересна е статистиката во однос на изречени дисциплински мерки. Имено, минатата година имало 57 предлози за дисиплинска постапка против извршител: во 23 не е изречена дициплинска мерка, во 20 е изречена парична казна, во 10 јавна опомена, во 1 привремена забрана за вршење на должноста во траење од три месеци, во 3 случаи предлогот е отфрлен поради застареност, додека нерешени останале 4 предмети. „За 3 – 4 години нема да постои ниту еден извршител против кого нема да има дисциплинска постапка. Извршителите трипати повеќе се казнуваат од судиите и нотарите“, потенцираше Станковиќ.

„Доколку државата сака да им помогне на граѓаните, нека се откаже од ДДВ и нека ги преполови другите трошоци!“

Честите поплаки за висината на трошоците за спроведување на извршувањето, извршителите сметаат дека се резултат на не темелна анализа. Велат дека нивниот процент и наградата е помал во споредба на оној што треба да им се плати на адвокатите во малите предмети и дека голем дел од сумата оди на отплата на материјални трошоци, поштарина, ДДВ, како и на отплата на камати. Замерки упатија на банкарските трошоци, кои како што велат, понекогаш се во иста висина колку и наградата за извршителот. „Како може банката за едно прекуцување да земе исто пари колку и извршителот?! Ова не можеме да му го објасниме на должникот“, рече Саветка Георгиева, извршител од Струмица и член на Дисциплинска комисија на КИРМ, која на средбата со новинарите се осврна токму на темата „Структурата на извршните трошоци и наградата за работата на извршителите“. Според претседателот на КИРМ, проблемот би се решил со намалување на останатите трошоци, но и откажување на државата од наплата на ДДВ. „Доколку државата сака да им олесни на граѓаните, треба да се откаже од наплатата на ДДВ на нашите услуги, исто како кај нотарите, но и да ги преполови останатите трошоци“, подвлече Станковиќ.

Почетната обука и испитот за влез во извршителството станува европски стандард

Европски состојби и трендови во сферата на извршување на граѓанските судски одлуки ги презентираше скопскиот извршител Зоран Димов, член на Управниот одбор на КИРМ. „Унијата преку своите препораки бара активно учество на сите страни вклучени во процесот на извршување и обезбедување соодветен баланс на нивните интереси, почитувајќи ги особено членовите 6 (право на фер судење) и 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот) од Европската конвенција за човекови права (ЕСЧП)“, истакна Димов. Ранливата позиција на должникот претпоставува дека, одредени основни средства и приходи не треба да бидат запленети, како мерка за почитување на приватниот живот, човековото достоинство и заштитата на личните податоци и такви ограничувања и заштита се предвидени во член 5, член 84 и член 105  од Закон за извршување на Република Македонија Стручното оспособување на извршителите, како што посочи Димов, е оценето како многу важно за правилно спроведување на самото извршување како и овозможување на унифицирање на потребните вештини. Според презнтираните податоци, околу три четвртини од државите имаат почетна обука и испит за влез во професијата и овој тренд е во пораст и станува европски стандард. „Бараните вештини за извршители се ставаат на исто ниво на очекувања и обука како за судиите и адвокатите“, потенцираше Димов. Државите без почетната обука или испит, најчесто го доверуваат извршувањето на судските одлуки на државните службеници кои работат во правосудството под раководство на надлежниот судија (Андора) или на судска администрација (Данска, Црна Гора). Наспроти тоа, почетна обука или конечен избор се бара во сите држави каде што извршителите имаат исклучиво приватен статус. Димов, меѓу другото, истакна дека речиси сите земји-членки имаат дефинирано статус за нивните извршители. Во неколку држави, извршителите се службеници и заменици судии (Данска), правни секретари (Шпанија) или адвокати (Исланд). Во Швајцарија, постојат сите системи, различно од еден  кантон до друг. „Сепак, Европската комисија за ефикасност на правдата (CEPEJ) го потврдува трендот  на зголемување на статусот на приватните извршители, за сметка на јавната професија, која има континуиран тренд на опаѓање“, заклучи Димов.


Автор: Елена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk  Објавено: 10.03.2014