/ Прочитано:

1.663

ПАД НА СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ: Македонија рангирана на 118 место според „Репортери без граници“

Според рангирањето во 2015 година, Македонија и понатаму паѓа на листата во однос на индексот на слободата на медиумите. Во 2015 година земјава се наоѓала на 117 место.

Репортери без граници

Во последниот извештај на организацијата „Репортери без граници“ за индексот на слободата на медиумите во светот за 2016, Македонија се наоѓа на 118 место на листата од 180 земји.

Според рангирањето во 2015 година, Македонија и понатаму паѓа на листата во однос на индексот на слободата на медиумите. Во 2015 година земјава се наоѓала на 117 место.

Во извештајот е наведено дека, и покрај тоа што делото клевета било декриминализирано уште во 2012 година, сепак, случаите кои продолжиле да се водат во граѓанска постапка предвидуваат високи казни за новинарите, за уредниците и за сопствениците на медиумите.

„Најмалку 850 предмети за клевета се поведени од 2014 година, од кои поголем број и против новинари. Како резултат на тоа, повеќе од половина од новинарите изјавуваат дека се самоцензурираат, според истражувањето што го спровел Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници“, се наведува во извештајот на „Репортери без граници“.

На земјава ѝ прават друштво: Катар, на 117 место, Обединетите Арапски Емирати, на 119 место и Авганистан, на 120 место според слободата на медиумите.

Од балканските земји кои се земји членки на Европската Унија, Бугарија се наоѓа на 113 место, Грција на 89, Хрватска на 63 место, а на 40 место се наоѓа Словенија.  Црна Гора е на 106 место, Албанија е рангирана на 82 место, Босна и Херцеговина на 68 и Србија на 59 место.