/Прочитано:

1.946

Обвинетите од „Пајажина“ побараа укинување на пресудата и повторување на судската постапка

Четврток 17 јануари 2013 / 14:40 – Укинување на пресудата и повторување на судската постапка, ова го побараа првостепено осудените во предметот за случајот „Пајажина“ на денешната седница во Апелациониот суд Скопје.

„Очекувам дека овие два-три дена би можеле да завршиме меѓутоа се е тоа знак на прашање бидејќи материјалот е исклучително обемен. Ќе треба многу аргументи да се разгледаат, така да ќе видиме како ќе тече. Единствено што би можело да го задоволи правото и правичноста во целата оваа постапка е укинување на овој предмет и враќање на повторно судење“, изјави адвокатот Мирослав Вујиќ.

Расправата продолжува утре, се очекува во деновите што следат одбраната да ги образложи жалбите на 23-та обвинети.

„Пајажина“ денеска пред Апелација

09:30 – Обвинетите од предметот за случајот „Пајажина“ денеска ќе седнат во Апелациониот суд Скопје, каде повисокиот суд ќе расправа по нивните жалби. 23-та обвинети со првостепената пресуда беа осудени на вкупно 109 години затворска казна – од кои највисока 13-годишна казна затвор заработи првообвинетиот Велија Рамковски. Иако првично седницата беше закажана за минатиот месец, истата беше одложена поради неспроведувањето на двајца од обвинетите од притвор и неуредната достава до неколку адвокати.

Велија и Емел Рамковски / Фото: akademik.mk

Согласно пресудата која ја донесе судскиот совет на чело со судија Павлина Христова, сопственикот на некогашната А1 телевизија, Велија Рамковски е осуден на 13 години затворска казна, членовите на неговото семејство и поблиските соработници од 2 до 7 години. Само на еден од обвинетите му е доделена двегодишна условна казна. Судот ги ослободи тројцата обвинети што се товареа за спречување на докажување.

Обвинетите се товарат за злоупотреба на службена положба и овластување, злосторничко здружување, перење пари и други приноси од казниво дело, оштетување или повластување на доверители, даночно затајување и спречување на докажување.

Во Oбвинителниот акт чиј застапник е обвинителот Гордана Гешковска  што се води против 23 лица, тежи  5.3  милиони евра – на кратко стои дека:

  • Првообвинетиот, Велија Рамковски, (сопственик на повеќе фирми со седиште на Перо Наков бб во Скопје) и останатите обвинети(управители или високи службени лица во тие фирми),  дејствувајќи како организирана група, во текот на 2006 година најпрво ја злоупотребиле својата службена положба и овластување со тоа што на повеќе наврати како одговорни лица во фирмите, меѓу себе вршеле плаќање со невистинити фактури и си давале и примале фиктивни позајмици со цел да ги одбегнат даночните обврски од неколку милиони денари. Пуштиле пари во оптек и пуштиле во промет имот од поголема вредност со намера да ја прикријат нивната локација, движење и сопственост. Потпишувани биле купопродажни договори со невистинита содржина за наводна продажба на моторни возила и други договори, остварениот приход од работата на фирмите се обиделе да го изнесат од државата без постоење должничко доверителски односи, имале намера да одбегнат плаќање на различни даноци, непријавувале готовински промет…

Ова е предмет што предизвика бурни реакции во јавноста посебно поради фактот што првообвинетиот Велија Рамковски беше сопственик на телевизијата А1 , која поради неисплатениот долг кон УЈП отиде во стечај. Слична судбина ги дочека и  весниците „Време“, „Шпиц“, и „Коха е ре“, каде како управители се јавуваат дел од другите обвинети.

  • Хеди Рамковски, синот на Велија, и уште тројца обвинети се  во бегство. Мерката притвор им е определена од денот на нивното наоѓање и лишување од слобода.
  • Деветнаестообвинетиот Бранко Пишев, е недостапен за државните органи со моментален престој во САД на непозната адреса.

Првостепената пресуда што беше донесена на 14 март 2012 година изгледа вака:

Обвинет  Единствена затворска казна  Парична казна
1. Велија Рамковски 13 години 5000 евра
2. Амди Рамковски  6 години 4000 евра
3. Жаклина Георгиевска  6 години 3000 евра
4. Невин Рауф  6 години 5000 евра
5. Зоран Мицевски  6 години 4000 евра
6. Емел Рамковска  6 години 5000 евра
7. Хеди Рамковски  7 години 4000 евра
8. Дарко Перушевски  5 години, 6 месеци 4000 евра
9. Ибрам Ибраими  3 години  /
10. Ѓултен Џемаили  5 години  4000 евра
11. Жарко Стојановски  3 години, 6 месеци  3000 евра
12. Неше Рамиз  7 години  /
13. Славица Маринковска  6 години  4000 евра
14. Наташа Крстановска  4 години  3000 евра
15. Слободан Пејовски  4 години  3000 евра
16. Рамадан Ибраими  7 години  3000 евра
17. Анета Кочишки  2 години, 3 месеци  3000 евра
18. Рамадан Чичек  6 години  4000 евра
19. Бранко Пишев  6 години  4000 евра
20. Александар Дамовски  2 години – условна  2000 евра
21. Јасмин Латифовиќ  ослободителна  /
22. Марјан Танчевски  ослободителна  /
23. Муамет Амди  ослободителна  /
>>Предметот целосно можете да го проследите тука.