/ Прочитано:

601

Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Презентирана анализа на Хелсиншкиот комитет за човекови права

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ја презентираше својата нова анализа посветена на ефектите, кои пандемијата ги имаше врз лицата со попреченост во земјата. Анализата беше изработена со поддршка на Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Истражувањето беше спроведено преку преглед на документи, прашалници до институции и организации и анкета во која учествуваа 219 испитаници, кои се лица со попреченост или лица кои се грижат за лица со попреченост. Анализата покажа дека пандемијата само ги интензивираше и ги исфрли на површина проблемите со кои секојдневно се соочуваат лицата со попреченост, нивните родители и лицата што се грижат за нив а дека државата сѐ уште заостанува во исполнување на обврските од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.

Дамир Незири, претставник во земјата на Фондација за демократија на Вестминстер, посочи дека клучниот елемент од оваа анализа се препораките и обидот да се извлечат заклучоци за тоа како институциите можат да ги поддржат и да се грижат за овие граѓани во периодот кој следи, но и во однос на долгорочните ефекти по кризата.

Мерките за спречување на ширењето на КОВИД-19 и за намалување на ефектите врз граѓаните речиси и да не ги земале предвид лицата со попреченост. Па така, овие граѓани се соочиле со предизвици до пристапот до права и услуги, здравствена заштита, социјални услуги, движење, финансии, работни односи и образование.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска нагласи дека уште на почетокот на пандемијата беше јасно дека најмаргинализираните ќе ги трпат најстрашните ефекти. ,,Институциите, а особено здравствените, беа ставени во служба на борба против пандемијата. Од тие причини, токму луѓето со попреченост се соочуваа со неможност да дојдат до оние здравствени услуги коишто им се потребни, како рехабилитација, која што отсуствуваше, неможност да пристапат кон пунктовите за тестирање, отежнатост на децата со попреченост да ја следат наставата и зголемени финансиски трошоци за лекови и други помагала за да можат да опстанат во време на пандемија.’’

Истражувањето покажува дека  многу од испитаниците се соочиле со влошување на работната ситуација, преку откази, намалени примања, намалени работни часови и отсуства од работа. Во образовниот процес предизвик била пристапноста на наставата за различните видови попречености и немањето техничка опрема и соодветна поддршка.

Оваа криза го продлабочува постоечкиот јаз и дискриминацијата со која се соочуваат лицата со попреченост. За да се намали штетата од пандемијата, треба итно да се делува. Во претстојниот период е клучно  институциите да се фокусираат на обезбедување мерки кои ќе ги намалат негативните ефекти од КОВИД кризата врз оваа група граѓани и да ги вклучат лицата со попреченост и нивните претставнички организации во процесите на донесување одлуки за политиките и програмите.

М.В