Панел-дискусија за споделено родителско отсуство: Татковците да имаат сопствено право на родителско отсуство
„Оваа дискусија ја отвораме поттикнати од изготвувањето на нов Закон за работните односи, каде што се уредува правото на родителско отсуство, и на овој начин сакаме да придонесеме кон дебатата за потребата од усвојување на нов модел, кој ќе ги унапреди правата на родителите во земјата, ќе влијае позитивно на развојот на децата и на родовата еднаквост во земјата, а воедно и ќе доведе до усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ, каде што споделеното родителско отсуство се воведува како неизбежна пракса за земјите членки“, беше истакнато на денешниот настан, на кој се одржа панел-дискусија.
На панел-дискусијата говореа министерката Мила Царовска, Едвард Гонзалез, директор на Канцеларијата на УСАИД за општ развој, Марија Башевска, претседателка на Реактор – Истражување во акцијa, Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во Северна Македонија, проф. д-р Орхидеја Шурбановска од Институтот за психологија и Ангел Гина, татко кој има искористено родителско отсуство.
Во последните две децении, беше образложено на дискусијата, проширени модели на родителско отсуство кои препознаваат разлики помеѓу породилно, татковско и родителско отсуство стануваат сè почеста појава.
„Во моментов македонското законодавство предвидува до седум дена максимално отсуство за татковците и девет месеци за мајките. Иако отсуството за мајките е преносливо, тоа не може да се подели помеѓу родителите, што значи дека за татковците да можат да го земат отсуството, мајките мора целосно да се откажат од него“, беше истакнато на дискусијата.
Дали треба да се промени овој модел, кои се најдобрите модели и практики од светот и како влијае врз развојот на детето вклученоста на двајцата родители во првите месеци од животот, беа клучните прашања кои се поставија на панел-дискусијата.
Марија Башевска, претседателка на Реактор – Истражување во акцијa, образложи дека нивниот предлог-модел е правото на породилно отсуство од девет месеци за жените да остане исто, но мажите да се стекнат со право на еден задолжителен месец отсуство кој ќе следува веднаш по раѓањето на детето, како и дополнителни три месеци.
Според тој нов модел на породилно отсуство, двајцата родители преку своите законски права ќе бидат вклучени во грижата за децата од самото раѓање, односно од најраната возраст. Ваквите законски решенија би биле усогласени со меѓународните стандарди и со конвенциското право.
„Како Влада на којашто секое дете ѝ е важно, но и која работи на унапредување на родовата еднаквост, сметаме дека воведувањето на споделеното родителско отсуство ќе значи многу за раниот развој на детето, којшто е многу важен, но и за присуството на двајцата родители на пазарот на трудот, што во пракса најчесто тоа е таткото“, истакна на денешниот настан министерката Царовска.
М.В