/ Прочитано:

1.175

Папата Франциск со пораки за мир и соживот

Папата Франциск во рамките на историската посета на земјава одржа света литургија на плоштадот „Македонија“, во присуство на највисоките претставници на државата, меѓу кои и претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев и министри членови на Владата, претставници на дипломатскиот кор и на граѓанското општество.

Пред илјадниците присутни верници од Католичката црква од земјата, од регионот и од Европа со светата миса чиноначалствуваше папата Франциск, во сослужение со кардиналите и бискупите од Ватикан, како и од свештениците на Скопската бискупија на Католичката црква.

„Да учествуваме во чудото на умножителот кој сака да стигне и да допре до секој агол од овој град, од оваа земја, од оваа земја со нежност и сочувство“, порача во својата беседа папата Франциск за време на светата литургија во рамките на апостолската посета.

Пред одржувањето на светата миса со папата Франциск остарија средби претседателот Иванов и премиерот Заев.

„Ве охрабрувам да го следите започнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграција. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе можат да изградат заедничка иднина, учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе“, порача папата Франциск во обраќањето од  претседателската Вила Водно.

„Доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајни вредности. Крстот и полумесечината, црквата и џамијата се злоупотребуваат како граничници и тврдини за маркирање и бранење на некакви си замислени територии. Како да се заборава дека сите ние сме луѓе, независно од нашата вера.

Само духовно променети луѓе можат да го променат духот на општеството. Но, за тоа е потребна личност со голем морален авторитет што ќе ѝ зборува на душата на нацијата. Длабоко сум уверен дека македонските граѓани, христијани, муслимани, Евреи или атеисти, токму во Вашата Светост гледаат таква личност. Многу млади лидери од мојата лидерска школа Ве посочуваат како лидер што најмногу ги инспирира.

Затоа, симболично, како Македонец замолив да дојдете во Македонија и да ни помогнете во духовната обнова на нашата татковина“, рече претседателот Иванов.

„Посетата на папата Франциск не е резултат на митологии. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога папата Адријан Втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј, со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа.

Република Северна Македонија низ сите векови на создавање на нејзината државност ги пренесе библиските пораки на надеж, утеха и толеранција и во својата современост.

Ватикан, Европа и целиот свет ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите“, истакна премиерот Зоран Заев во врска со посетата на папата.

Владата го прогласи 7 мај за неработен ден на територијата на Град Скопје

Информации за специјалниот сообраќаен режим воспоставен за посетата на папата

M.В