Паркинзи резервирани за бремени жени и за возачи на возила во кои се превезуваат деца до тригодишна возраст
Денеска беше презентиран проектот „Безбедни семејни паркинг зони“, во чии рамки се предвидува да има паркинзи резервирани за бремени жени и за возачи на возила во кои се превезуваат деца до тригодишна возраст. Носител на проектот е Автомото сојузот на Македонија.
На денешниот настан беше потпишан и меморандум за соработка меѓу МВР и носителот на проектот Автомото сојузот на Македонија, како и Министерството за транспорт и врски, ЗЕЛС, Факултетот за безбедност и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство за заеднички активности околу реализација на проектот.
„Безбедноста во сообраќајот е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи. Оттаму, и како министер за внатрешни работи, но и како граѓанин апсолутно ја поздравувам и ја поддржувам иницијативата на Автомото сојузот на Македонија за приклучување кон проектот за зголемување на степенот на сообраќајна безбедност, особено на оние популациски групи како што се во конкретниов случај бремените жени, односно мајките и дечињата до тригодишна возраст“, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
М.В