Парламентите како претставнички домови на граѓаните мора да бидат транспарентни и отчетни
Денеска во Собранието на РМ се одржува конференција „Градење на модерни, професионални и претставнички парламенти“. На дводневната конференција организирана од ХДП (Хаус демокраси партнершип), во соработка со НДИ, УСАИД и ИРИ, беше истакнато дека парламентите се темел врз кој се гради и се развива демократско општество, во кое човековите права и слободи се врвниот принцип.
Парламентите со својата законодавна и надзорна функција се темелот врз кој се гради и се развива демократската држава со функционални институции во кои имаме владеење на правото.
„Парламентите како претставнички домови на граѓаните, ако навистина сакаат да бидат демократски институции, треба да работат транспарентно и да бидат отворени за граѓаните. Така, денес Собранието на Република Македонија има современа и функционална веб-страница, преку која можете во целост да го следите законодавниот процес, имаме и стриминг во живо на пленарните седници, а исто така во архивата можете да ги најдете сите пленарни седници од осамостојувањето па сè до денес. Уште поважен е фактот што преку нашата веб-страница граѓаните можат да се обратат на својот пратеник, а можат да се пријават и за посета на Собранието. Исто така, треба да се спомне и Собранискиот канал, преку кој директно се пренесуваат сите пленарни седници, се пренесува и комисиската расправа при донесувањето на буџетот, како и некои надзорни расправи и други настани во Собранието. Сакам да истакнам дека во тек се и многу други сериозни подготовки за формирање на посебна собраниска телевизија, а ова го правиме токму со помош на нашите странски пријатели. Во овие 27 години на парламентаризам, убеден сум дека ја научивме лекцијата дека функционален парламент и ефикасна парламентарна демократија не може да се гради без широко поставена и квалитетна соработка со невладиниот сектор“, истакна на конференцијата, претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери.
Според американскиот амбасадор Џес Бејли, парламентите се клучните институции за воспоставувањето на транспарентноста на парламентарците и играат клучна улога во воспоставување на структурите и нормите што ги присилуваат институциите и функционерите да бидат отчетни.
Законодавците, додаде Бејли, треба да бидат модел за отчетноста и транспарентноста, за промовирање на отворена дискусија и она што ги инспирира граѓаните да инсистираат на влада што е поотворена, поинклузивна и поотчетна.
М.В