/ Прочитано:

686

Пендаровски: Општа е перцепцијата дека само сиромашните одговараат дури и за багателни кривични дела

Малкумина се убедени дека правдата пристигна. Во редица судски процеси не видовме завршница, некои од најголемите правни случаи застареа на очиглед на сите нас, а креаторот на режимот избега и од правдата и од државата, и притоа ниту една институција не кажа јавно како такво нешто, воопшто, беше возможно. Врв на лошите состојби во правосудниот систем беше т.н. афера „Рекет“, во која меѓу обвинетите за тешки кривични дела се најде и првата личност на институцијата, која беше, имено, формирана со една единствена цел ‒ да ги гони криминалците, рече во своето годишно обраќање претседателот на државата, Стево Пендаровски.

„Еден факт не зборува добро за отпорноста на нашиот правосуден систем од надворешни влијанија – безмалку три децении сме независна држава, а ниту еден висок политичар или преку ноќ збогатен бизнисмен нема завршено зад решетки, а таму требаше да завршат многу повеќе од еден. Општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните и луѓето на маргини, без релација со некоја од властите, одговараат дури и за багателни кривични дела. Затоа и не треба да нè чуди што голем дел од младите луѓе ги воспитуваат т.н. реални шоуа, а нивните идоли не се чесните луѓе ‒ домаќини, со образ и личен интегритет, туку типови од криминалниот полусвет.

Тука, без намера да навлегувам во нечии политички програми и идеи, сакам уште отсега јавно да ѝ порачам на следната власт: веднаш по изборите спроведете прочистување и кај судиите и кај обвинителите, но прво кај нас ‒ политичарите. И за секого за кого нема логично образложение како со државна плата станал милионер треба веднаш да следува не оставка, туку кривична постапка“, истакна во своето обраќање претседателот Пендаровски, кое во целост може да се преземе на следниот линк.

Годишно обраќање на претседателот на државата пред Собранието

M.В